Талибанците наредиле затворање на фризерските и козметичките салони во Авганистан во рамки на најновите ограничувања на правата со кои се соочуваат жените.

Портпаролот на Министерството за спречување на пороците и промоција на доблестите изјави за Би-Би-Си дека компаниите имаат еден месец да ја исполнат наредбата почнувајќи од 2 јули, кога првпат биле известени за потегот.

Слободите на жените постојано се намалуваат откако Талибанците ја презедоа власта во 2021 година. Тие им забранија пристап на тинејџерките и жените во училници, спортски сали и паркови, а неодамна дури и им забранија да работат за Обединетите нации. Тие, исто така, одредија дека жените треба да бидат облечени така што да им се гледаат само очите и дека мора да бидат придружувани од машки роднина доколку патуваат подалеку од 72 километри.

Ограничувањата продолжија и покрај меѓународната осуда и протестите на жените, како и активистите кои зборуваа во нивно име. Затворањето на козметичките салони беше дел од широк опсег на мерки наметнати од талибанците кога тие беа на власт последен пат помеѓу 1996 и 2001 година. Меѓутоа, салоните повторно беа отворени по американската инвазија на Авганистан.

Салоните останаа отворени дури и откако талибанците повторно ја презедоа власта пред две години, по повлекувањето на американските сили.

Сепак, излозите на салоните честопати беа покриени, додека сликите на жените надвор од салонот беа исцртани со спреј за да се сокријат нивните лица. Талибанската Влада не објасни што ја поттикнало забраната или какви алтернативи ќе им бидат достапни на жените по затворањето на салоните.