Мицкоски: Грешка беше поддршката за Арсовска
Премиерот Христијан Мицкоски денеска уште еднаш им се извини на скопјани за тоа што пред четири години ја поддржа Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје. Тој рече дека ја чувствува одговорноста за таа одлука и најави политичка и институционална разрешница за состојбата поради која главниот град е затрупан со ѓубре.
„Ќе има одговорност со име и презиме“
Одговарајќи на новинарско прашање за состојбата во ЈП „Комунална хигиена“, Мицкоски изјави дека процесите што се водат мора да имаат завршница.
„Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме“, нагласи тој.
Најава за генерално чистење на Скопје
По посетата на новата спортска сала во училиштето „Димитар Поп Беровски“, премиерот даде поддршка на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници.
„Орце Ѓорѓиевски ќе победи во првиот круг и веднаш ќе направи генералка во Скопје. Истото ќе го стори и Александар Стојкоски во Ѓорче Петров“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека во првите 72 часа по нивната победа ќе се спроведе генерално чистење на Скопје и општините каде што ќе победат нивните кандидати.