Одбраната на сопственикот на пара-порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски, смета дека казната што денеска му ја изрече Основниот кривичен суд за пет кривични дела е висока. Тие најавуваат жалба и за тоа и за притворот.

„Ова не е конечна пресуда. Сметаме дека е изречена висока казна за дела за кои во текот на целокупната постапка како одбрана наведуваме дека нема елементи на истите, дека не се исполнети законските битија. Како по однос на пресудата, ќе вложиме и жалба на решението со кое му е продолжен притворот на Марјан со оглед дека навистина е влошена здравствената состојба.

Истиот има добиено шеќер, веќе влегува во една група на инсулинска терапија каде третманот не може да биде соодветен во условите каде моментално се наоѓа“, изјави адвокатката Марија Најдова-Петрезанова.

За одбраната, текстовите се „чисти навреди и клевети“ што е основ за граѓанска постапка, а не кривични дела.

При изрекувањето на пресудата, судијката Марија Клетничка-Марковска прочита како Стаменковски уценувал и барал пари за да не објави содржини на неговиот пара-портал, а читаше и дел од текстовите што ги објавувал.