Град Скопје започнува со подобрување на управувањето со сообраќајот преку воведување паметен зелен бран.
– На шестата седница на Советот на Град Скопје, донесовме одлука за предвидување на средства во износ од 25 милиони денари, наменети за Центарот за управување и контрола на сообраќај, информираше претседателот на Советот на Град Скопје Даме Димитровски.
Како што рече тој, со овие средства се предвидува унапредување на функционирањето на Центарот, редовно одржување на системите за управување со сообраќајот, како и изнаоѓање нови, паметни и современи сообраќајни решенија поврзани со сигнализацијата.
Претходно, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски порача дека наместо застарениот концепт на „зелен бран“ од минатото, се воведува паметен зелен бран – модерен, адаптивен и иновативен систем кој во реално време ќе го регулира протокот на возила, ќе ги намали гужвите и ќе овозможи побрзо, поефикасно и побезбедно движење низ Скопје.
