Тема на денешната пресконференција беше буџетот на државата доставен од страна на Владата до македонскиот Парламент.
Според првичните анализи, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески, рече дека најмногу ќе се осврне на проекциите за приходите, расходите, буџетскиот дефицит и основните ставки кои што се предвидуваат.
Според Славески проекциите за буџетот 2022 година се направени погрешно.
– За тековната 2021 година, која е појдовна основа за проекциите, министерството за финансии предвидува раст од 4,1%. Но високо-фрекфентните показатели за третиот квартал, од оваа тековната година упатуваат дека растот во втората половина од 2021 година најверојатно ќе биде низок или можеби негативен. Во септември 2021 година растот на индустриското производство изнесува – 8% додека градежништвото во јули и август забележува двоцифрен пад. Автомобилската индустрија во Република Македонија се соочува со сериозни проблеми во синџирите на снабдување. Сето ова упатува дека растот во 2021 година, најверојатно ќе биде значително понизок од предвидениот. За 2022 година министерството за финансии очекува раст на БДП од високи 4,6%. Малку е веројатно дека оваа проекција ќе се оствари. Во изминатите пет години од практикување на власта од страна на СДСМ и ДУИ растот на БДП никогаш не надминал 4%. Притоа, нејасно е како ќе се оствари овој раст во услови на големи проблеми во светот со синџирите на снабдување, можната енергетска криза како и се уште присутната здравствена криза. Инфлацијата претставува дополнителен проблем, а во проекциите на министерството за финансии овие проблеми на волшебен начин исчезнуваат во втората половина од 2022 година, појасни Славески.
Тој посочи дека ваквите нереални проекции придонесуваат за нереално проектирање на приходната страна на буџетот.
– Имено, министерството за финансии предвидува раст на даночните приходи од над 10% во 2022 година. Притоа, особено висок раст од 14% се предвидува кај Данокот на додадена вредност. Истовремено министерството за финансии предвидува раст на приватната потрошувачка од 3,5% и исто толкав раст на вработеноста. Повисоката цена на нафтата на светските берзи веројатно ќе придонесе за повисоки приливи по основ на ДДВ од увоз но сепак, раст од 14% на Данокот на додадена вредност е невозможен. Овде се поставува прашањето зошто проекциите за буџетските даночни приходи по основ на данок на добивка и данок на личен доход за 2022 година се поставени на толку ниско ниво (со пораст од само 2,59% и 1,25%, респективно), а имајќи ги предвид проекциите на Владата дека БДП ќе порасне за 4,1% во 2021 година. Би било логично и финансиските резултати на компаниите односно нивните добивки да бидат поголеми од 2019-та година со што и приходите во буџетот по основ на данок на добивка за 2022 година би биле значително повисоки. Дали со вака ниско проектираните приходи во Буџетот од директните даноци, а тоа се данокот на личен доход и данокот од добивка, Владата има за цел да ја покрие својата неспособност во менаџирањето на Управата за јавни приходи и нивната неефикасност во справувањето со сивата економија и реално ниската наплата на даноци? Исто така, се прашуваме како една социјалдемократска влада во заминување сериозно отстапува од своите суштински определби во структурата на даночните приходи примат да имаат директните даноци (на доход и добивка), над индиректните даноци (на потрошувачка), рече Славески.
Славески додаде дека нереално проектираните приходи даваат искривена слика и проблеми во менаџирањето со јавните финансии.
– Субвенциите за приватниот сектор се намалуваат како резултат на намалување на потребата за субвенционирање на претпријатијата погодени со мерките од кризата со КОВИД-19. Но овој износ би требало да се рефлектира кај буџетскиот дефицит и истиот да се врати на пред – пандемиските нивоа. Капиталните расходи се планираат на неверојатни 37 милијарди денари. Но практиката од минатото покажа дека Владата предводена од СДСМ нема капацитет за реализација на капитални инвестиции. Највисок износ на капитални инвестиции досега Владата на СДСМ реализирала во 2017-та година и тоа во износ од околу 19 милијарди денари. Денес министерот за финансии нé убедува дека оваа иста Влада ќе реализира 37 милијарди денари капитални расходи. Ова е навистина неверојатно! Во буџетот за 2022 година, не се предвидени никакви средства за помош на ЕЛЕМ и МЕПСО. Овие енергетски компании се во длабока криза и доколку не им се помогне, Република Македонија ќе остане без електрична енергија. Неодговорното менаџирање со секторот енергетика во изминатиот период врши и во иднина ќе врши сериозни притисоци врз државниот буџет, а сметката за последиците од ова ја плаќаат граѓаните, објасни Славески.
– Министерството за финансии во буџетот за 2022 година предлага буџетски дефицит од неверојатни 33 милијарди денари. Да ве потсетам, во нормалната преткризна 2019-та година, Владата на СДСМ реализираше буџетски дефицит од 13 милијарди денари, додека Владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ реализирале највисок дефицит од 22 милијарди денари во 2014-та година која беше година одбележана од последиците од европска должничка криза. И наместо министерството за финансии да предложи фискална консолидација и постепено враќање на буџетскиот дефицит на пред-пандемиските нивоа, во буџетот за 2022 година предлагаат огромен буџетски дефицит со неверојатно образложение дека наводно„Капиталните расходи ќе бидат повисоки од буџетскиот дефицит“. Иако звучи примамливо за јавноста, ова не претставува новина. Имено, капиталните расходи во минатото се скоро секогаш или го надминуваат износот на буџетскиот дефицит, некогаш и двојно, освен 2013, 2014 година кои се години на европска должничка криза и 2020-та година – година на пандемиската рецесија. Со ваквиот буџетски дефицит, ќе продолжи растот на јавниот долг, кој и во моментов е над критичното ниво од близу 60% од БДП, дециден е тој.