Свечената изјава на новиот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски пред претседателот на Собранието Јован Митрески наместо денеска ќе се одржи утре, за кога е презакажана и седницата на Комисијата за транспорт, врски и екологија.

Собранието вчера едногласно со 62 гласа „за“ го избра Коцевски за нов државен јавен обвинител.

Коцевски беше предложен како единствен кандидат за нов државен јавен обвинител откако обвинителката Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, а за обвинителката Фатиме Фетаи, Судскиот совет не се расправаше поради нецелосно доставена документација.

Коцевски е поранешен адвокат, кој во 2008 година бил избран за виш јавен обвинител во Гостивар. Од јануари 2022 година е избран за јавен обвинител во републичкото Јавно обвинителство, меѓу десеттемина обвинители во оваа институција. Тој бил дел и од Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители, но и член на дисциплинската комисија во Јавното обвинителство.

Претходниот државен обвинител Љубомир Јовески, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.

Комисијата за транспорт, врски и екологија, пак, треба да расправа по Предлог измените на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.

Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страна, целта на Предлог-измените е доуредување на одредбите за урбанистичко планирање во врска со зафаќањето на земјоделско земјиште од I до IV катастарска класа, усогласување со Законот за јавни набавки и продолжување на рокот за донесување на урбанистичките планови започнати по други закони.

-Со овој предлог на закон ќе се доприцизираат одредбите за урбанистичко планирање во врска со зафаќањето на земјоделско земјиште од I до IV катастарска класа и ќе се усогласат со Законот за земјоделско земјиште кој исто така е во постапка на изменување во однос на овие одредби во врска со зафаќањето на земјоделско земјиште од I до IV катастарска класа, стои во Предлог-законот.

Како што се посочува во образложението, ќе се дополни и одредбата за доставување на податоци и информации во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање, што се неопходни за изработување на урбанистичките планови односно проекти, а произлегуваат од постојните и предложените подрачја за заштита и подрачја на светското наследство.

– Исто така, изборот на вршителот за работи од урбанистичкото планирање што ги вршат правни лица со лиценца за изработување на урбанистички планови, за планови и проекти финансирани со средства од буџетот на општината, општината на градот Скопје и градот Скопје ќе се спроведува на начин и постапка согласно со Законот за јавните набавки, се вели во образложението за Предлог-законот.