За вежбање во фитнес центрите, задолжително е еднаш седмично посетителите да покажат негативен резултат од брз тест или селф тест (тест за домашна употреба), а истото важи и за вработените.

Двојна маска или маска ΚΝ95/FFP2 е исто така задолжителна со исклучок на аеробик вежбите, но само доколку постои растојание од најмалку три метри меѓу лицата.

Меѓу вежбите, како и пред и по употреба на секоја од справите неопходна е дезинфекција на рацете со антисептик, забранета е употребата на сауни или спа, соблекувалните ќе се користат само за оставање на личните предмети, а неопходно е закажување термин за посета на фитнес центрите.

Од денеска, стапуваат во сила и останатите мерки во Грција како што се намалување од 50 на 20 отсто на работата од дома за државниот сектор, дозволена е употребата на терените на отворено за мал фудбал и кошарка, а од утре може да се организираат спортски натпревари вон стадионите, како што се маратоните, но само под услов да има до 300 лица поделени во групи од по 50 учесници и по претходно направен тест за Ковид-19, но и без доделување награди и без публика.

Паралелно, дополнително е проширена листата на граѓани кои можат бесплатно, од аптеките да подигнат селф тест, односно тест за домашна употреба.

Освен учениците и просветните работници, сега тестовите се достапни за сите граѓани на возраст од 18 до 30 години.

Во однос на актуелните мерки што се во сила во Грција, нема никакви промени, маската и понатаму е задолжителна и на отворено и во затворен простор, полицискиот час останува од 00.30 часот, а продолжена е и забраната за музика во угостителските објекти, што работат само на летните тераси