Народниот правобранител Насер Зибери и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски сметаат дека не се противуставни предложените измените на тарифниот систем за универзалниот снабдувач и воведувањето на четири блок тарифи за високата дневна тарифа на електричната енергија, односно за скапата струја.

– Нашата земја и по Устав е дефинирана како социјална, што значи државата треба да води сметка за социјално загрозените семејства. Тоа го прави на неколку начини – преку социјалните трансфери, социјалните помош и субвенционирања…, а еден од тие начини на водење грижа за оваа категорија на граѓани е и токму реформата на тарифниот систем каде што граѓаните ќе бидат ставени во еднаква положба при трошење на еднакви капацитети од електричната енергија. Тие што ќе трошат над одредениот тарифен блок за разликата ќе плаќаат друга цена и тоа воопшто не е противуставно, туку напротив е во насока на гарантирање на таа социјална определба и димензија на нашиот Устав, рече Зибери во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција заедно со претседателот на РКЕ.

Тој нагласи дека на товар на поголемата потрошувачка на електрична енергија ќе биде само разликата при надминување на квантумот кој е определен со одреден блок на системот.

– Во таа насока сметам дека не би била противуставна ваквата регулатива, потенцира Зибери.

Претседателот на РКЕ Бислимоски истакна дека земјава е енергетски сиромашна и нема нафта или гас, а електрична енергија мора да има.

– Резервите на јаглен ни се при крај и тој јаглен кој го имаме е со екстремно лош квалитет, а електрична енергија мора да има. Друга опција не постои. Затоа испраќаме сигнал до домаќинствата да си ја намалат својата потрошувачка. Не е вообичаено 17 домаќинства да трошат 10 проценти од потребите на домаќинствата. Треба да има електрична енергија за сите и апсолутно не сметам дека е противуставно имајќи во предвид дека ќе важи за сите потрошувачи во државата со таков тип на потрошувачка, рече Бислимоски.

Со распределбата на блоковите, додаде, немаме против да прави кој што сака, но ако некој со електрична енергија загрева базени и сауни сметам дека е невообичаена потрошувачка.

– Секој може што сака да си прави дома и тоа не е проблем. Ние само кажуваме и испраќаме сигнал до домаќинствата дека доколку нерационално ја трошат електричната енергија ќе плаќаат повеќе, посочи Бислимоски.

Нагласи дека во минатото во 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век биле воведени тарифни единици, но, како што рече, тогаш доколку се преминело од една тарифна единица во друга целосно важела втората тарифна единица.

– Сега велиме блоковите ќе важат за сите граѓани и за тој што троши многу има гарантирана цена и за прв блок, гарантирана цена и за втор блок, гарантирана цена и за трет блок. Доколку во скапа тарифа сте потрошиле 650 киловат часови, 210 киловат часови ви се гарантирани по цена од прв блок, од 210 до 420 по цена од втор блок, од 420 до 630 по цена од трет блок и само 20 киловат часови, односно разликата од 630 до 650 киловат часови ќе платите по цена за четврт блок, појасни Бислимоски.