Од 29 јули годинава, со објавувањето во Службен весник, на сила се измените на Законот за тутун со кои се забранува увоз на странски тутун додека трае откупот на домашната реколта.
Сојузот на земјоделските здруженија ја поздрави мерката, оценувајќи дека на овој начин се обезбедува директна заштита на домашното производство.
„Со ова, прво, го штитиме домашниот тутун. Од 16 ноември до 28 февруари следната година, додека трае откупот, нема да може да се внесе ниту еден килограм увозен тутун. Тоа ни беше најважно, а поддршката ја добивме од Министерството за земјоделство и од министерот,“ изјави Кире Ристески, претседател на Сојузот.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потсетуваат дека уште во февруари било донесено решение за потребата од измени, со цел подобрување на прометот, откупот и одржливото производство на тутун.
Измените се однесуваат на:
подобрување на откупот, прометот и контролата на тутунот,
забрана за увоз на необработен тутун и тутун сушен на сонце (sun-cured) за време на откупот на домашната реколта,
обврска за откупувачите да водат евиденција за откупени, увезени и обработени количини и внесување на тие податоци во Информативниот систем за евиденција на тутунското производство (ИСЕТ),
подобрување на условите за обработка и складирање на откупениот тутун.
Работната група која ги подготви измените ги вклучи претставниците на Министерството за земјоделство, Сојузот на земјоделските здруженија, откупувачите, Министерството за здравство, Стопанската комора и Царината.
Дополнително, се допрецизира поимот „промет на тутун“ – увоз на необработен тутун наменет за преработка. Системот ИСЕТ ќе се надгради за, покрај договорените и откупени количини, да се внесуваат и податоци за увоз.
Мерката за забрана на увоз на ароматичен тутун во периодот на откуп и можноста сите компании, а не само досегашните четири, да го преработуваат и извезуваат откупениот тутун, се донесени по скратена постапка за да важат уште во текот на годинашната кампања.
Останатите измени ќе одат во редовна постапка. Според Ристески, тие предвидуваат зголемување на ингеренциите на Сојузот, кој ќе стане рамноправен партнер во преговорите со откупувачите за реколтата, цените, текот на откупот и лиценцирањето на поверениците.
„Очекувам овие измени во редовна постапка да бидат донесени до крајот на годината,“ додаде Ристески.