МВР ги објаснува законските измени
Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните за новите законски измени во делот на управната постапка поврзана со возачките дозволи и извршувањето на прекршочната санкција „забрана за управување со моторно возило“ изречена со правосилни судски пресуди.
Според новите одредби, забраната повеќе нема да се впишува физички во возачката дозвола. Со тоа се укинува и обврската граѓаните да плаќаат за издавање нова возачка дозвола со забрана и со истиот рок на важност.
Наместо тоа, МВР воведува дигитален систем на известување преку СМС пораки и електронска пошта, кој процесот го реализира во две фази.
Како функционира дигиталното известување
Првата порака ќе биде испратена приближно седум дена по пополнување на изјавата со контакт податоци и ќе содржи информации за видот и времетраењето на изречената забрана.
Втората порака се испраќа осум дена по приемот на првата порака, и токму од моментот на нејзиното добивање започнува да тече забраната за управување со моторно возило. Министерството нагласува дека санкцијата не започнува од денот на пополнување на изјавата, туку исклучиво по приемот на втората СМС порака.
Во следната фаза, најавуваат од МВР, ќе се овозможи забраната да започнува веднаш по ажурирањето на податоците во системот.
Досегашни резултати и упатства за граѓаните
Досега, согласно новиот систем, се реализирани над 3.000 забрани за управување со моторно возило изречени со правосилни судски пресуди.
МВР апелира до сите граѓани кои добиле покана од Министерството, а имаат ваква санкција, да ги достават и ажурираат своите контакт податоци – број на мобилен телефон и е-маил адреса. Целта е правилно и навремено извршување на санкцијата и избегнување недоразбирања.
Дополнително, санкцијата ќе биде реализирана и за граѓаните кои се обидуваат да го избегнат извршувањето, доколку Министерството располага со нивните податоци.
Паралелно, целосно автоматизирано се спроведува и извршувањето на забраните констатирани преку системот „Безбеден град“. Известувањето во овие случаи се врши на ист начин – преку СМС и електронска пошта – за прекршоци за кои е предвидена ваква санкција и за кои граѓаните ја прифатиле одговорноста и платиле глоба.
Со воведувањето на овие измени, МВР посочува дека процесот станува побрз, поефикасен и значително ги намалува административните процедури за граѓаните.
