Одлука донесена поради засилени тензии и можни нарушувања на јавниот ред

Француските власти донесоа одлука да го забранат одржувањето на годишниот собир на муслиманите, кој требаше да се одржува од денеска до 6 април во Париз. Причината е зголемен безбедносен ризик и можни нарушувања на јавниот ред, соопшти шефот на париската полиција Патрис Фор.

Четириесеттиот собир на муслиманите на Франција требаше да се одржи во изложбениот центар „Париз Ле Бурже“ и да собере десетици илјади посетители, со цел поттикнување дијалог и општествена кохезија.

Организаторот најави дека ќе ја оспори одлуката за забраната по правен пат.

„Ќе го следиме законскиот пат за да ја преиспитаме оваа забрана“, изјави претставникот Маклуф Мамеш.

Засилени безбедносни мерки и геополитички тензии

Одлуката е донесена на барање на министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, во услови на засилени национални и меѓународни тензии и висок степен на терористичка закана.

Француските власти ги засилија безбедносните мерки низ Париз по осуетената закана за бомбашки напад врз канцелариите на „Банката на Америка“, како и поради пошироките геополитички тензии поврзани со американско-израелскиот конфликт со Иран.

Полицијата наведе дека големиот ангажман на безбедносните сили на улиците дополнително ги ограничува капацитетите за обезбедување масовни настани, што било клучен фактор за донесувањето на забраната.