По повеќе од девет месеци или кон крај на минатата година кога во сите земји стартуваше вакцинацијата против корона, во Македонија ништо не беше на повидок ниту вакцини, ниту пак како да се стимулираат граѓаните да се вакцинираат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Сега, повеќе од десет месеци по тоа, Зоран Заев и Венко Филипче решија да организираат кампања за да ги поттикнеле граѓаните на вакцинација. Во меѓувреме, ги поделија на граѓаните, воведоа фашизоидни мерки и сега ќе терале кампања. Филипче и Заев ако сакаат да ги мотивираат граѓаните има милион начини како да го сторат. Но, доцнат премногу. Поради нивната неспособност се случи и четврти бран, поради нивна неспособност не е организиран здравствениот систем за ниту еден бран од почетокот на пандемијата, поради нивната неспособност бројката на починати од корона се движи кон шест илјади починати,  велат од опозицијата.

Од 17 октомври ќе почне крајот на политичари како Заев и Филипче!, стои во партиската реакција.

Инаку, Владата информираше дека од денеска лансира национална кампања за масовна имунизација на населението.

Целта на владината кампања е да го информира населението за придобивките од вакцинацијата како начин на заштита, да ја зголеми свеста но и борба со лажните вести. Вакцинацијата е единствен начин да се победи коронавирусот а вакцините се безбедни, потенцираат премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.

Секој глас за вакцина е глас за спас на живот. Затоа апелирам, да ја прифатиме пораката на кампањата „Вакцинирај се“. Да се вакцинираме за да се собираме повторно заедно, за да се вратиме на нормалниот живот. Сите да направиме чекор кон таа цел. Да го поттикнеме трендот на вакцинацијата, да ги охрабриме граѓаните, да ги видиме повторно широките насмевки на лицата, без маски, да ги вратиме прегртаките, за тоа ја лансиравме кампањата, а повикот е јасен, вакцинирај се. Вакцинирај се за да се вратат и артистите на сцените, за да се врати публиката на спортските арени, истакна Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче пак, денеска одговори дека се следат објавите на социјалните мрежи и изјавите на медицинските лица кои го компромитираат процесот на имунизација против ковид и наскоро ќе излезат со став околу овие појави.

Во однос на ширењето лажни вести во делот кога тоа го прават граѓани… Тие треба да знаат дека со лажните вести го загрозуваат јавното здравје и се доведува до сериозно оптоварување на болниците поради ширењето страв кај луѓето за да не се вакцинираат. Ние ги слушаме сите ставови и на протестите, но досега не сме слушнале издржана контрааргументација за вакцинирањето, бидејќи тие протести се проследени со навреди и закани. Но, во исто време имаме зголемен број граѓани што се вакцинираат, дневно се вакцинираат по 12 до 13 илјади. И тоа е сериозен глас на граѓаните. Во врска со медицинските лица што шират такви ставови, Лекарската комора сериозно ги анализира сите и наскоро ќе излезе со свој став, рече Филипче.