Директорите на поштите на Македонија и Србија, Макрадули и Ѓорѓевиќ, најавија дека ќе испратат иницијатива до владите на Македонија, Србија и Албанија за воспоставување единствена цена за услугите на пратки и заедничка поштенска марка, со цел да им се обезбедат услуги на граѓаните од трите земји по една тарифа

Генералниот директор на „Пошта на Македонија“ АД, Јани Макрадули, и в.д. директорот на ЈП „Пошта на Србија“, Зоран Ѓорѓевиќ, се сретнаа денеска во Белград. По тој повод тие го потпишаа Протоколот за деловна соработка помеѓу двете пошти.

Макрадули и Ѓорѓевиќ, исто така, најавија дека ќе испратат иницијатива до владите на С Македонија, Србија и Албанија за воспоставување заедничка поштенска марка и единствена цена за услугите на пратки, со цел да им се обезбедат услуги на граѓаните од трите земји по една тарифа, како дополнителен поттик за отворање на балканските пазари.

Протоколот е потпишан само три дена по Регионалниот бизнис-форум во Скопје, одржан како дел од иницијативата „Отворен Балкан“, и претставува прв чекор кон конкретизирање на договорот помеѓу македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, за зајакнување на економската соработка во регионот.

„Поштите на Србија и С Македонија сакаат да бидат лидери не само во националната, туку и во меѓународната рамка, а Протоколот што го потпишавме ја претставува рамката на соработка за постигнување на таа цел. Денес воспоставивме рамки за развој на нови заеднички услуги, пред сè во областа на приближувањето на поштите на Србија и Северна Македонија ќе придонесе за развој на економиите на нашите земји, подобри перформанси на регионалниот пазар и ќе донесе нови работни места и приходи, како и посилни врски помеѓу нашите граѓани и економии“,рече Зоран Ѓорѓевиќ.

Тој особено посочи дека Пошта на Србија, благодарение на широката мрежа на меѓународни линии, пред сè кон Северна Америка, националната авиокомпанија „Ер Србија“, која наскоро се очекува да воведе летови до Далечниот Исток, ќе стане регионален центар за логистичко-поштенски услуги, кои дополнително ќе ја поддржат имплементацијата на иницијативата „Отворен Балкан“.

„Потпишувањето на Протоколот за соработка е почеток на практичната имплементација на иницијативата ‘Отворен Балкан’, објавена во Скопје од лидерите на Србија, Северна Македонија и Албанија. Ние сме соседи и соработници, но во суштина нашата соработка може да биде многу поголема, бидејќи нашата соработка, особено преку развојот на е-трговијата и логистичките капацитети, ќе ги постави темелите за отворање трговија на Балканот, што е исклучително важно за надминување на последиците предизвикани од пандемијата на коронавирусот“,рече првиот човек на „Пошта на С Македонија“, Јани Макрадули.