Православните христијански верници во државава денеска го одбележуваат Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ.
Македонскиот народ со голема почит и внимание ги слави овие празници. Божиќ е еден од најзначајните Господови празници и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Се смета за матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање започнува и новата ера.
На Бадник, семејството традиционално се собира на заедничка вечера, а според обичајот, на оваа вечер не се оди на гости. Трпезата е богата, но посна, во согласност со постот. Се меси погача, а во некои краишта се прави зелник со паричка. Се верува дека оној што ќе ја најде паричката ќе има среќа и успех во текот на годината.
Пред вечерата, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето или го дели зелникот на толку делови колку што има членови во семејството. Се остава и по еден дел за Бога и за куќата.