Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски одржа прес-конференција на која ги повика сите граѓани за победиме заедно.
Оваа кампања за мене не беше политичка трка, туку отворен, искрен разговор со вас, граѓаните на Скопје. Изминативе недели поминавме низ секое скопско маало. Разговаравме со илјадници луѓе, влеговме во секој дом, ги слушнавме и маката и надежта, и заедно ја споделивме нашата визија за иднината. Денес, не сум тука да држам политички говори, туку да ви се заблагодарам од сè срце, рече Ѓорѓиевски.
Ви благодарам за секоја подадена рака, за секој совет, за секоја критика, и најмногу за огромната надеж што ја почувствував во вашите очи, надеж дека Скопје конечно може и мора да биде подобро. Оваа кампања ја водевме искрено. Наместо празни ветувања кои остануваат на хартија, пред вас излеговме со докази. Со кредибилитет. Она што го направивме во Кисела Вода, не се само бројки, истакна тој.
„Тоа е нашиот доказ дека зборот го претвораме во дело. Тоа е приказна за тоа како една заборавена општина стана пример за работа. Тоа е мојата гаранција дека може да се работи чесно, посветено и одговорно. Тоа е моделот што ќе го примениме за целото Скопје. Зад мене не стои само мојата партија. Зад мене стои тим од врвни експерти, професори, архитекти, уметници, но и обични, чесни луѓе кои го живеат и дишат овој град. Тим во кој има Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби и други.
Тим во кој има луѓе со различни политички и идеолошки убедувања, но со една единствена заедничка љубов, љубовта кон Скопје. Затоа што мојата визија е јасна и недвосмислена: Скопје мора да биде град на сите! Град без поделби, каде секој ќе се чувствува како дома, почитуван и вреднуван. Затоа, мојата рака останува подадена кон сите. Кон секој граѓанин, секој активист, секој мој противкандидат. По изборите, политиката мора да престане. Време е за работа. Ве повикувам сите да се обединиме околу Скопје, бидејќи овој град е нашиот единствен дом“, потенцира во изјавата Ѓорѓиевски.
„Нашиот град е уморен од хаос. Уморен е од сообраќаен метеж во кој губиме часови од животот, од загаден воздух кој го дишат нашите деца, од преполни контејнери кои го грдат секое маало и од урбана анархија која ни го одзема јавниот простор. Време е да воведеме ред. Време е да го средуваме нашиот заеднички дом, темелно, плански и системски. Имаме јасен план како да го направиме тоа, со стотици проекти во нашата програма. Ќе ставиме крај на сообраќајниот колапс со завршување на сите застанати проекти како клучните булевари и клучки, Момин Поток, Љубљанска, АСНОМ, Борис Трајковски, подземната сообраќајница под Лимак.
Ќе изградиме и нови, како булеварите Хрватска и Цветан Димов.
Ќе го решиме и паркирањето со нови катни и монтажни гаражи.
Ќе спроведеме целосна реформа на јавниот превоз, со нови еколошки автобуси и воведување на градски воз заедно со централните органи.
Ќе му го вратиме зеленилото на градот со изградба на четири нови мега паркови, Вардариште, Расадник, Лепенец и кај булеварот Христијан Тодоровски Карпош, како и 50 нови маалски паркови.
Ќе спроведеме темелна реформа на јавните претпријатија за конечно да станат сервисни, во служба на граѓаните.
Ќе воведеме ред во урбанизмот со враќање на стручноста, со Градски архитект и Совет за урбан развој, изјави тој.
„Ова не е само борба за поубави улици или почисти паркови. Ова е борба за иднината. Борба за подобро место за живот за нашите деца. Сакам да создадеме град од кој тие нема да сакаат да си заминат.
Град кој ќе им нуди чист воздух, безбедни игралишта, квалитетно образование, и најважно од сè, надеж и перспектива.
Град кој ќе нуди спортски успеси и културна наобразба.
Град кој ќе биде нивна гордост и нивен сигурен дом.
Нашиот град нема повеќе време за губење.
Секој изгубен ден во политички препукувања е изгубена можност за Скопје.
Затоа, ве повикувам во недела, масовно да излеземе и да ја донесеме одлуката.
Да не дозволиме да изгубиме уште две недели во неизвесност и политички калкулации.
Тие две недели за нас значат 14 дена побрзо честење на депониите, 14 дена поблиску до ред во градот, 14 дена побрзо до воведување ред во јавниот превоз.
Дајте ни силна и чиста поддршка за да можеме да почнеме со работа веднаш“, потенцира тој.
„Ве повикувам да го заокружите бројот 9.
Тоа не е глас само за мене, ниту глас само за една партија.
Тоа е глас за работа.
Глас за ред.
Глас за одговорност.
Глас за визија.
Глас за иднината на Скопје.
Од срце ви ветувам, ќе бидам градоначалник на сите скопјани. Не градоначалник кој седи во канцеларија, туку човек кој ќе работи, ќе слуша и ќе обединува. Човек кој ќе биде на терен, меѓу вас, решавајќи ги проблемите таму каде што настануваат. Ајде заедно да го вратиме сјајот на нашето Скопје“, потенцира Ѓорѓиевски.