Премиерот Зоран Заев смета дека е можно да се постигне решение со Бугарија до јуни и оваа година да има прва меѓувладина конференција. Притоа, вели, македонскиот јазик и македонскиот идентитет не може да бидат на маса, оти тие никаде не се на маса. За тоа, како што рече, никаде во светот за тоа не се преговара. Историјата, вели, не може и не смее да биде пречка. Најважно е каква историја ќе напишеме сега ние за идните генерации.

Насетувам дека прозорецот на решението е со тоа што го потврдуваат нашиот македонски народ и македонски јазик и тоа треба да биде на сигурно и ќе биде на сигурно заради тоа што никој пат нема да бидеме во ЕУ барем јас додека сум. Затоа што обезличени сме, прашина. Ако сме прашина може да не донесат на Марс џабе е. Кој ќе влезе во ЕУ ако не македонскиот народ. Кој да влезе? Со кој јазик ќе влезе ако не со македонскиот јазик. Така што нема дилеми околу тој дел, рече Заев.

Тој додаде дека делот на историјата може на елегантен начин да го разработиме тоа што навистина ќе покаже дека еден период навистина сме имале заедничка историја помеѓу двата народи и двете држави како.

Тоа е формулацијата и во Договорот за соработка со Бугарија. И тука треба да застанеме. Притоа никој не бега од историјата. Тоа што е историја постојат документи насекаде и готово. Некој различно толкувал, ние, они, нека кажат историчарите. Зарем јас или Борисов или Захариева и Османи се попаметни од експерти од историчарите. Ќе го најдат решението. Ние сме тука да ги охрабриме. Јас верувам дека ќе го изнајдеме решението токму низ тој прозорец, вели тој.

Додаде дека решението може да се најде до јуни.

Јас чувствувам дека можеме, можеме мај – јуни да седнеме да изнајдеме решение. Јас очекувам навистина оваа година ние да имаме прва меѓувладина конференција, понатаму секако скринингот треба да се заврши и се, па да отвораме после соодветно на бројот на месеците како и другите земји и првите поглавја, потенцира Заев.

Решевањето на проблемот со Бугарија вели треба да биде билатерален.

Треба ние да го решиме проблемот со Бугарија. Европа е тука, стратешките партнери САД се тука секој пат да дадат совет, да помогнат. Знаете како, Договорот со Бугарија го постигнавме билатерално. Договорот со Грција го постигнавме билатерално. Големите закони коишто ја ослободија нацијата мултиетнички ги постигнавме дома, вели Заев во „Само интервју“ на Канал 5 .

Тој најави дека разговорите со Бугарија ќе родолжат по завршувањето на изборите кои треба да се одржат на 4 април.

Јас верувам дека постои решение. Знам во суштина, јас сум човек којшто навлегува во суштина и во структура на проблемите. Постои решение. И притоа при едно вакво решение двете страни мора да имаат дома логично објаснение. Но, тоа што треба да знае нашиот народ, јас сум човек којшто постигнал договори и тоа не биле така баш договорите среќна околност за сите, но денеска станаа реалност за сите, дека се добри и дека за нас се добри, добри се и за соседна Грција, а притоа ги отворија сите перспективи на иднината на генерациите што доаѓаат по нас. Но, знам и да кажам не. Сакав и јас да имаме во декември прва меѓувладина конференција, сакав да нема блокада. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет не може да бидат на маса. И никаде не се на маса. Затоа што тоа не се ни преговара никаде во светот. Тоа е филинг, тоа е чувство. Го сфати мојот другар Алексис Ципрас, го сфатија сите дека тоа е нешто за кое што не се преговара, дециден е Заев.

Тој вели дека и со сегашниот премиер на Бугарија повеќепати се осврнувал на прашањето и на историјата.

На крајот, со Борисов сум прозборувал што правиме со таа историја што сега ние ја пишуваме за која што после 10-20 години децата, младите ќе ни кажат… Борисов и Заев напишаа убава историја или напишаа грозна историја која што не направи непријатели, рече премиерот во интервјуто.