Одговарајќи на новинарско прашање премиерот и лидер на СДСМ потврди дека освен за Максим Димитриевски, кој собра потписи за независен кандидат за градоначалник на Куманово, а е од СДСМ, ќе се примени исклучување од партијата и за други членови кои собрале потписи за независни кандидатури.

-Секако, тоа не е дали Заев така одлучил или централниот одбор или највисокото раководство, статутот на СДСМ е таков, односно одлуките ги носат самите поединци дали е Максим дали е господинот Зоран Ногачевски од СДСМ, бил член на раководни структури на СДСМ и пошироко. Тие ја носат одлуката знаејќи каков е статутот на партијата. Ние немаме што друго да додадеме. Обврска е само на првиот Централен одбор да ги констатираме одлуките кои тие ги донеле и дефинитивно така е опишана демократската процедура кај нас а тие тоа го знаат, рече Заев.

Во однос на кандидатот за градоначалник на Кочани, навести дека кандидатурата на актуелниот градоначалник ќе биде објавен по одбележувањето на празникот на градот 7 септември.

-Актуелниот градоначалникот на Кочани важи за еден од најдобрите градоначалници во државата, е со изразито висок рејтинг и е пример како една локална самоуправа треба да се среди, да се организира и да се постави. Тие слават на 7 септември ден на градот и замолницата беше да не чепкаме со одлуките да се прослави денот на Кочани, и после тоа да се донесе одлуката. Веројатно на денот на независноста ќе ја донесеме одлуката. Ние имаме свој став по ова прашање, рече Заев.

Премиерот и лидер на СДСМ Заев повтори дека нивната коалиција со ДУИ, со Беса и ДПА и со другите партии е принципиелна и дека таму каде што имаат свои кандидати тогаш ќе ги остават граѓаните сами да си одлучат.

-Таму каде што СДСМ нема кандидат тогаш на нашите симпатизери и членови ќе им препорачаме за тоа што е најдобро за нив. Во вториот круг, кога ќе влезе еден од коалицискиот кандидат наспроти еден од опозоцијата, логиката вели дека ќе гласаме за тој од коалицијата. Ако се случи да влезат двајца членови на коалицијата сите наши членови ќе добијат напатствија да гласаат онака како што мислат дека е најдобро за нивната општина, рече Заев.