Финансиска поддршка за музичарите и туристичките водичи, за категоризираните туристички агенции, како и бесплатни ПЦР тестови за странските туристи, предвидуваат мерките од Шестиот економски пакет на Владата за најпогодениот угостителско – туристичкиот сектор од кризата предизвикана од пандемијата, пишува на фејсбук профилот премиерот Зоран Заев.

-Туристичко-угостителскиот сектор е најпогодениот сектор од почетокот на кризата предизвикана од пандемијата и затоа во рамки на Шестиот пакет економски мерки, предвидено е: финансиска поддршка од 30.750 денари за сите музичари, членови на здруженијата на музичари, како и за лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход под 15.000 денари. Категоризираните туристички агенции ќе бидат поддржани со 1,4 милиони евра. Притоа туристичките агенции со А лиценца ќе добијат до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б лиценца ќе добијат до 2.000 евра, се наведува на статусот.
Воедно, се додава, како дополнителна поддршка и помош за домашната туристичка, а со тоа и угостителска дејност, ќе се овозможат бесплатни 50.000 ПЦР тестови за странските туристи кои престојувале во државата. (Повеќе за Шестиот пакет економски мерки: vlada.mk/node/24947),