Во честитката од Заев се вели:

-Во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое лично име, на Вам, на членовите на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани кои го чествуваат празникот, Ви го честитам големиот муслимански празник Курбан Бајрам. Овие свети денови нека Ви бидат исполнети со дух на трпение, дарежливост, и нека Ве води желбата за меѓусебна почит, разбирање и солидарност. На овој празник на надежта и вербата во добрината на луѓето, споделете ги даровите на празникот со вашите семејства, роднини, пријатели и соседи

Величественоста на празникот Курбан Бајрам, се додава, нè потсетува на суштината на човечкото постоење, на најскапоценото нешто за сите нас, на грижата за здравјето и зачувувањето на животот и грижата за најблиските. Нека биде празникот и поттик, во периодот што следи масовно да се вакцинираме како најефикасно средство во борбата против пандемијата со КОВИД -19 и така заедно да успееме најбрзо и најбезболно да се заштитиме и да ги пребродиме нејзините последици.

-Празникот на жртвувањето ни посочува вредности кои се универзални, ни испраќа благородни пораки што повикуваат на почитување и негување на нашето општество еднакво за сите, на општество во кое културните, етничките и верските различности се богатство и непроценлива уникатна вредност. Во духот на вековната традиција на соживот и разбирање во нашата земја, дозволете да ви посакам празничните денови ги поминете во добро здравје и духовна сила!
Нека биде благословен и честит празникот Курбан Бајрам!, се истакнува во честитката од премиерот Заев по повод Курбан Бајрам