СДСМ во вториот круг има вкупно 32 кандидати во општините и Град Скопје, додека ВМРО-ДПМНЕ има кандидати во 28 општини. Во главниот град, во вториот круг кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов ќе се бори против независната кандидатка Данела Арсовска.
Според последните податоци на Државната изборна комисија, претседателот Александар Даштевски објави дека излезноста на локалните избори во првиот круг е 51,5 проценти или најмала досега од независноста на државата. Тој ги оцени изборите како успешни во однос на првиот круг и оти се најголемите избори што се спроведени досега.
Податоците објавени на веб-страницата за Локални избори 2021 на ДИК, покажуваат дека најмногу гласови во првиот круг има освоено ВМРО-ДПМНЕ – 285.525, потоа СДСМ – 239.214, па ДУИ – 103.805, АА/А – 55.540, Левица – 50.181, Беса – 25.426 и ЛДП/ДОМ – 24.850.
Двојно зголемување на гласовите во однос на 2017 година имаа независните кандидати кои добија 54.475 гласови. Политичката партија Левица освои 50.181 глас, со што бележи раст во споредба со парламенталните избори кога имаше 37.426 гласови. ВМРО-ДПМНЕ бележи пад од околу 50.000 гласови во споредба со 2017 година, кога имале 335.769 гласа, додека СДСМ бележи намалување од над 180 илјади гласови. Пад од 21 илјада гласа има и БЕСА. Споредено со последните избори – предвремените парламентарни во 2020 година кога СДСМ и Коалицијата (БЕСА и ЛДП/ДПА) имаа 327.408 гласа, на овие избори сите заедно имаат – 289.490 гласови, што е пад од 37 илјади гласа. Минимален пад во споредба со парламентарни избори е забележан кај ДУИ, но во споредба со претходните локални избори тие бележат раст од 14 илјади гласови од 89.724 гласа во 2017 на 103.805 во 2021 година. Ист тренд има и АА/А, која има раст од шест илјади гласа од 49.125 во 2017, на 55.540 гласа во 2021 година. Сепак, и АА/А во однос на ланските парламентарни избори кога освоила 81.620 гласови, сега има помалку околу 26 илјади гласа.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев истакна дека е јасна пораката од народот и оти мора да постапуваат по неа. Заев посочи дека се подготвени да испорачаат подобри резултати со многу повисок интензитет на промени.
– Влегуваме во вториот круг и во борба за секој глас, за секој град, за секоја општина. Нема важни и неважни. Сите се важни. Ако сакаме да ја добиеме оваа борба, мораме да разбереме дека секој човек е важен, секој глас е важен. Секој глас мора да биде слушнат, испочитуван, уважен. Тоа е промената која ја бараат граѓаните од нас, вели Заев.
Тој заклучи дека е потребна брза анализа и враќање на теренот, како и брзи промени и акции што ќе придонесат кон борба и уважување на гласот на граѓаните.
-Потребно е да се обратиме и да подадеме рака на секој еден човек, секој еден глас којшто можеби сме го пропуштиле во првиот изборен круг, додаде лидерот на СДСМ.
Фокусот на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг ќе биде насочен кон победа во Град Скопје на независната кандидатка Данела Арсовска, како и победа на кандидатите од коалицијата „За обнова на Македонија“ низ земјава.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нагласи дека по вториот круг природно ќе се наметне темата за ново парламентарно мнозинство на кое што неговата партија работела пред изборите.
– Немаме никаква дилема дека ВМРО-ДПМНЕ е победник заедно со коалицијата „За обнова на Македонија“ и како коалиција очекуваме да формираме ново парламентарно мнозинство. Ќе ги започнеме тие разговори веднаш по завршување на локалните избори, најави Мицкоски.
Во првиот круг од локалните избори, избрани се 34 градоначалници во општините. ВМРО-ДПМНЕ победи во 22 општини, СДСМ во девет, а ДУИ во три.
Локалните избори коишто се одржаа на 17 октомври беа седмо изјаснување за локалната власт од независноста на државата, но трети на кои се избираа градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Право на глас имаа 1 824 864 гласачи, што е најмногу од сите локални избори досега и раст од 10 220 гласачи, во однос на изборите во 2017 година.