На Виенскиот Економски Форум воведни обраќања има и Оливер Вархеји, еврокомесар за соседска политика и проширување на ЕУ, Јанез Јанша, претседател на Владата на Република Словенија, Томас Арнолдер, извршен директор на Групацијата А1 Телеком Австрија, домаќин на овој настан на Виенскиот економски форум како и Петар Умундум, претседател на Виенскиот економски форум.
Премиерот Заев истакна дека Виенскиот Економски Форум исклучително успешно ја остварува својата мисија да биде точка за унапредување на регионалната економска соработка на земјите од Западен Балкан и Југоисточна Европа. Тој додаде дека Владата со поддршка на сите чинители во општеството како и со меѓународните финансиски институции креираше мерки за ублажување на ефектите од пандемијата со план за раст на економијата на среден и долг рок.
– Посебно внимание посветивме на креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија. Во Република Северна Македонија на почетокот на оваа година се утврдени охрабрувачки трендови кои се резултат на шест пакети економски мерки во текот на изминатите 12 месеци. За тоа говорат и буџетските приходи кои се повисоки во однос на преткризниот период: 4,4% е растот на вкупните приходи, 5% е растот на даноците и придонесите. Сите пакети на антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаа граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност и солидарност, рече Заев кој заедно со премиерот Јанша е патрон на Виенскиот економски форум.
Премиерот Заев подвлече дека расте извозот, индустриското производство, трговијата. Дополнително регистриран е раст во сферата на кредитирањето на бизнисите и граѓаните, како и на просечната нето-плата.
– Проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 14 отсто, бруто-инвестициите раст од 7,7 отсто, приватната потрошувачка реален раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка од 4,3 отсто, додека бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9 отсто, а невработеноста да се намали соодветно на тоа. Подготвивме нов План за финансирање на забрзан раст (Growth Acceleration Financing Plan) како стратешки документ на Владата, кој има за цел преку изнаоѓање нови механизми и извори на финансирање да го поттикне економскиот раст, но и да влијае на фискалната консолидација, односно стеснување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг, рече Заев и додаде дека овој план е во согласност со приоритетните проекти и ги дефинираат националните приоритети за капитални инвестиции во наредните 4-5 години, истиот е комплементарен на можностите што ги нуди Економски и инвестициски план за Западен Балкан на Европската Комисија.
Премиерот Заев потсети дека на самитот на Берлинскиот процес што се одржа во Софија, Македонија се приклучи на потпишувањето на две важни политички декларации што ќе го забрзаат идниот економски раст.
– Првиот е за спроведување на Заеднички регионален пазар меѓу шесте земји од Западен Балкан, додека вториот е за спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан, подготвен од Европската комисија. Двата процеса ќе доведат до понатамошно зајакнување на регионалната економска интеграција, што дополнително ќе го забрза економскиот раст на Северна Македонија. Заедно со Економскиот инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, кој издвојува до 9 милијарди евра за целиот регион во следните неколку години, ќе создадеме солидна основа за идните перспективи на регионот. Јас сум оптимист дека инвестициите во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција ќе создадат одржлив раст и работни места, потенцира Заев.
Преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, досега се финансирани 23 проекти во вредност од околу 2,1 милијарди евра грантови и заеми во Македонија. Европскиот инвестициски план за Западен Балкан, се очекува да даде ново, силно и позитивно влијание врз економското закрепнување на регионот, да поддржи зелена и дигитална транзиција. Премиерот подвлече дека националните институции веќе работат со голема посветеност на процесот на планирање на предвидените проекти кои ги исполнуваат критериумите да бидат поддржани со цел ефикасно да бидат искористени средствата предвидени од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан.