Три години по потпишувањето на Преспанскиот договор, МВР од денеска стартува со издавање на пасоши со новото уставно име, а 2024-та ќе биде крајниот рок за промена на личните документи.
Додека од Владата по потпишувањето на Преспанскиот договор велеше дека промената ќе се врши сукцесивно, односно по истекот на важностана личните документи, сепак денеска Владата на Зоран Заев соопшти дека Согласно законот за имплементација на договорот сите граѓани до февруари 2024 година ќе треба да ги променат сите лични документи без разлика на нивниот рок на важење.
Згора на тоа од МВР велат дека промената на личните карти, пасошите и возачките дозволи ќе биде на трошок на граѓаните.
Премиерот Зоран Заев во 2018-та година изјавуваше дека по промената на уставното име на државата во Северна Македонија граѓаните нема да бидат изложени на трошоци за вадење нови документи на кои ќе стои новото име.
-Тоа е согласно Договорот кој тоа го дозволува и им гарантира на граѓаните дека нема да имаат дополнителни издатоци за одредени документи и слично, односно ќе се почитува рокот за истекување на документите, изјави Заев на 8 Ноември, 2018
Сепак граѓаните сега би требало да се подготвени да издвојат дополнителни трошоци за нови лични документи, поседовни и имотни листови, изводи и слично.
Само за промена на пасош, лична карта или возачка дозвола ќе треба да издвојат околу 50 евра по лице. За промена на лична карта или возачка дозвола, ќе треба да се издвојат уште најмалку по 400 денари.
Односно едно четиричлено македонско семејство со просечни примања од околу 400 евра ќе треба да издвои најмалку 250 евра.