Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на средбата ја потенцираше посветеноста на нашата земја кон ефективен мултилатерализам и за зајакнување на улогата на Обединетите Нации во решавањето на повеќеслојните глобални предизвици и искажа силна поддршка за процесот на реформи инициран од генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, чиј фокус е ставен на спречување на конфликти, одржлив развој и реформи за силна и ефикасна организација на Обединетите Нации.

Обединетите Нации, рече на средбата претседателот на Владата Заев, секогаш беа со нас и ја поддржуваат Република С. Македонија во сите фази на нејзиниот развој и во процесот на меѓународното признавање и етаблирање на државата во меѓународни рамки и за тоа сме многу благодарни.

Помошникот генерален секретар на ОН Јенча на средбата изрази задоволство од можноста да допатува во нашата земја и да учествува на Преспа форум дијалог кој се одржува како инспирација од Договорот од Преспа кој, како што посочил, претставува историска потврда колку многу може да се постигне со политичка волја и храброст.

Премиерот Заев во разговорот изрази уверување дека соработка со ОН ќе продолжи и во иднина, во насока на обезбедување понатамошна поддршка на нашите развојни цели поврзани со нашите аспирации кон ЕУ и за автентичниот придонес на С. Македонија во решавање конфликти, развој на културата на мирот, внатрешна кохезија, добрососедски односи и градење доверба, постигнати преку трите договори: Охридски рамковен договор, Преспански договор, Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, стои во соопштението.