Заев од миленик на странците, од реформатор и нобеловец, од силна поддршка од надворешни фактори и самокрунисан цар стигна до длабок пораз кој предвидува и длабока опозиција. А длабока опозиција за него значи губење на имунитетот кој како премиер го ужива, што пак значи одговорност за сите обвинувања кои се собираа на негова сметка. Дали е виновен или не – не знаеме, но сигурно ќе се шета по судови. Кога преспал и утрото размислил со ладна глава, сфатил за последиците од напуштање на премиерската функција и чекорите кои следат после тоа. Затоа можеби, се оние дури смешни за обичниот човек повици за собирање потписи за негова поддршка да ја повлече одлуката за оставка, оние сите жалопојки од самопрогласени аналитичари, некои новинари блиски до него и членови, да шират пропаганда за негов спас.
Ова е тоа “ол ин” .
Овие истите кои имаат на ум дека ќе секне изворчето од кое пијат вода, во паника одат до таму и почнуваат да шират паники и теории на заговор, овие последните на бродот како свирачите на Титаник, па за да му ја ублажат болката деновиве вртат една теорија дека опозицијата делела пари на терен внимавајте, со присуство на полицијата.
Како? Опозицијата делела пари на терен, поткупувала со поддршка на МВР кое е во рацете на Заев и Спасовски? Онаа истата опозиција која има замрзнат имот поткупувала?!
Но, очајот тера и на вакви работи, посебно кога знаеш дека е крај со владеењето и нема да ги уживаш истите привилегии и да седиш во фотелји од телешка кожа, или каква и да беше сеедно.
Меѓутоа вистината е сосема поинаква, ако сакаме да зборуваме за неа, а таа е дека власта после поразот во првиот круг правеше р’шум на терен и истураше големи пари за што луѓе јавно сведочеа, тепаа и малтретираа активисти на опозицијата во предизборен молк и се закануваа на социјално ранливи семејства дека ќе им го укинат надоместокот ако не гласаат за кандидатите на СДСМ. Се насочија и на црна кампања па измислуваа и фалсификуваа документи за наводно бугарско државјанство на кандидатката за градоначалник на Скопје и ги пуштаа нивните ботови да ја навредуваат и омаловажуваат по социјалните мрежи, да и го споменуваат семејството.
И сето ова му се удри на Заев од глава. Народот не е слеп, а Заев и СДСМ го потценија. Тивкото мнозинство, она кое молчеше и не реагираше дотогаш – реагираше на избори. Ја изгубија и поддршката од Бугарија веќе и официјално преку реакции од нивното МНР за гнасната кампања против кандидатка на опозицијата и како што велат, ширење антибугарска кампања со што уште повеќе му ја продолжија блокадата за почеток на преговори.
И сега Заев е осамен, оставен и сам на себе со неколку верни додворувачи кои го тапшаат по рамо и му велат дека ќе биде сѐ океј. Но тоа не е доволно, тоа не е тоа што тој го очекува, ја нема поддршката од повлијателни ликови од македонската политичка јавност и странците. Дури влијателни и истакнати членови на раководството на СДСМ си даваат оставки, а бивши повикуваат на негова оставка.
Ок, да не претеруваме, ја има од Али Ахмети – вечната власт во Македонија. Но не затоа што многу го сака, туку лично Ахмети не е навикнат во опозиција и сега ќе мора да прават развод од бракот од интерес со што нема да има ,,делење” на имотот стекнат во брак, а тоа за ДУИ е проблем.