– Коалицијата со ДУИ значи заеднички настап на локалните избори и докрај ќе биде утврдена во зависност од самите кандидати. Може да се случи некаде да поддржиме кандидат на ДУИ уште во прв круг или ДУИ да одлучи да поддржи кандидат на СДСМ и Коалицијата „Можеме“, а некаде ќе одиме со поддршка во вториот круг зашто имаме и наши и нивни кандидати. Некаде ќе дадеме шанса да одат кандидатите на помалите партии и затоа не би било својствено уште во првиот круг ДУИ да ни даде поддршка или ние да му дадеме на ДУИ кога има кандидати од БЕСА, српските партии или турските партии и слично со цел да дадеме шанса низ демократски процедури граѓаните да бидат тие кои ќе ги водат конечните коалиции, рече Заев во одговор на новинарско прашање на свеченоста по повод почетокот на изградбата на браната на река Отиња во Штип.

Тој додаде дека се владина коалиција со повеќе политички партии и посочи дека најголем коалициски партнер на СДСМ е ДУИ, но тука се и партнерите БЕСА и ДПА од албанскиот блок и 24 партии од Коалицијата „Можеме“.

– Многу ни е важно целата коалиција да опстојува, но сите имаат права да бидат различни заради тоа што се локални избори – избори на личности. На граѓаните им се важни партиите и коалициите, но важни им се и кандидатите и кандидатките за советници и градоначалници. Парламентарното мнозинство е стабилно, разбирачката помеѓу нас е огромна, шанса ќе добие секој и нема да дозволиме било какво билатерално договарање во оваа голема коалиција да наштети на трета партија од коалицијата. Токму како најголем партнер во оваа коалиција сме максимално посветени да се бира најдобриот квалитет на кандидати и кандидатки за градоначалници и советници во било која општина. Полно внимание имаме како за Штип, така и за Карбинци, како што имаме за Кочани, така имаме и за Дебар. Секаде граѓаните се многу важни за нас и верувам дека ќе направиме најдобра селекција на кандидатките и кандидатите, посочи Заев.

На прашањето каков резултат очекува од источниот регион доколку изборите се утре, премиерот и лидер на СДСМ рече дека очекува голема победа, но потенцира дека тоа е работа на граѓаните.

– Наше е до моментот на селекција на кандидатите внимателно да ги слушаме предлозите на граѓаните преку истражување и анкети, но и од секојдневието. Задоволен сум од досега сработеното на истокот од локалната и централната власт и затоа се надеваме дека ќе добиеме поддршка, но тоа не е доволно бидејќи важни се и кандидатите. Граѓаните ќе одлучат. Јас верувам дека сме ја заслужиле нивната поддршка и верувам дека кандидатите и кандидатките предложени од коалицијата предводена од СДСМ ќе ја донесат победата скоро во сите општини во истокот, југоистокот и североистокот на државата, рече Заев.

Оптимизмот, како што рече, го темели врз истражувањата што ги правеле, но додаде дека насекаде треба да се почитува борбата со политичките противници и не треба да се потцени политичката битка со опонентите.

– Затоа мора да правиме максимално добри програми на реални основи и да го дадеме зборот пред граѓаните за да може тој збор да ни биде обврска да работиме уште повеќе. Врз основа на тоа граѓаните одлучуваат, потенцира Заев.