Откако преку допис, Амбасадата на Австрија, споменувајќи го името на Зоран Заев, го искритикува македонскиот правосуден систем, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриска и валандовската фирма за производство на корнишони, поранешниот премиер побарал извинување и најавил тужба.

Австриската компанија, како што стои во информацијата во случајот не може да си наплати долг од 4,5 милиони евра во меѓународна арбитража. Во отвореното писмо до медиумите од Амбасадата на Австрија, преку амбасадорот Георг Вуцас, тврди дека спорот се води меѓу австриската компанија и валандовската фирма поврзана со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.

Заев попладнето, како што известува Телевизија 24, испратил реакција во која побарал извинување од амбасадата и најавил тужба што неговото име се споменува во овој случај.