Изјавата дека не можам да ја водам владата доколку го загубиме Град Скопје на локалните избори е порака испратена генерално за мобилизација на народот во пресрет на вториот круг, бидејќи не можам да бидам локомотива ако имам спротивставени локални власти, рече премиерот Зоран Заев во денешното гостување во Дневникот на Сител.

– Пораката е испратена генерално за мобилизација на народот. Јас сум голем борец. Сум се борел за соединување на ова општество и сум носел храбри одлуки. Но, потребна ни е поддршката од граѓаните. Град Скопје е многу важна општина и јас отворено велам дека не можам да ја водам владата без Град Скопје, иако верувам дека по изборите ќе имаме неколку пратеници повеќе. Едноставно, не можете да бидете локомотива и да бидете лидер ако имате спротивставени локални власти. Граѓаните да излезат на гласање, бидејќи седејќи дома му помагаат на режимот да се врати – рече Заев.

Тој рече дека СДСМ и Коалицијата во моментов се обединети како никогаш досега и дека резултатите во вториот круг на локалните избори ќе ја покажат обединетоста на дело.

– Во првиот изборен круг, ЛДП и ДОМ, иако се дел од нашата коалиција, си имаа свои кандидати за градоначалници. Тоа е сосема нормално и демократски. Но, сега тоа значи дека гласачите на овие партии, но и на други помали партии, ќе ја дадат поддршката за кандидатите на СДСМ во вториот круг. Ако ДОМ и ЛДП директно ги повикаат своите гласачи да гласаат за кандидатите на СДСМ во вториот круг, тогаш тоа може да се сфати како потценување на интелигенцијата на народот. Затоа, народот сам нека си донесе одлука за кого ќе гласа. Генералните вредности, слободата, демократијата, реформите, се нешто што нè поврзува сите нас во вториот круг. Имаме многу неважечки ливчиња, но очекувам видлива разлика во наша полза во вториот круг. Легитимно е секој да се бори за гласовите, во тоа е убавината на демократијата. Беса и ДУИ, на пример, иако се дел од владината коалиција, сепак имаат спротивставени кандидати во Тетово и во Желино – рече Заев.

Премиерот додаде дека дури 450 луѓе биле сменети од својата позиција откако „заиграла метлата“.

– Ние постојано се менуваме, а 450 луѓе се веќе сменети по „метлата“. Јас кога реков дека се оградувам од Мерко, фала Богу, стигна пораката до него и тргна да отстранува дивоградби во Струга. На Шилегов, на пример, не може никој да му замери поради тоа што го модернизираше Скопје, бидејќи никој не сака да се врати сивилото, жалните врби и барокот – истакна Заев.

Во поглед на најавите за можни рестрикции со електрична енергија, премиерот им порача на граѓаните да бидат спокојни.

– Прво, стандардот постојано расте, а расте и просечната и минималната плата. Дефинитивно во светот постои голем страв од рестрикции и истиот тој страв постои кај нас. Проблемот со струјата е присутен овде, ама граѓаните треба да знаат дека цената на струјата до крајот на годинава останува иста. Граѓаните да бидат спокојни и воопшто да не стравуваат од ценовен шок.