=Испраќаме порака на стабилност, нови даноци нема да има. Можни се нови намалувања од последниот квартал на годинава. Мај ќе го завршиме со 200 милиони евра повеќе пари од Царина и од УЈП во спредба со првите пет месеци лани, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговорајќи на новинарско прашање во врска со ребалансот на Буџетот.

Според Заев, кризен данок не ни треба. Државата е за правично оданочување – богатите повеќе да плаќаат.

– Пораката е стабилни даноци, ништо нема да правиме изненадувачки што и да се случува во државата, сме го ветиле тоа пред граѓаните и коморите. Целта е државата да ги собира своите приходи преку борба со сивата економија и верувам дека ќе бидеме успешна приказна во позитивниот натпревар во регинот. Стабилноста на даноците е важна, ја потврдуваме и како левичари сме кажале, 2023-та ако успеат сите анализи, сме за правично оданочување, истакна Заев, афимрирајќи го новиот закон за данок на имот.

Планот е, како што напомена, од последниот квартал од 2021 година да се оди со намалувања на персоналниот данок на доход во ИТ од десет на пет отсто, во последниот квартал од 2022-ра на три проценти и во последниот квартал од 2023-та година на нула проценти. Целта е да се поттикнат стартапите и иновативноста.

-Царина имаа 6,7 посто поголеми приходи од првите пет месеци во 2019 година, што кажува дека економијата е вратена во својот колосек. Ако бидеме паметни да го искористиме овој бран, зашто секоја криза е можност, тогаш ќе оствариме зголемен БДП, нови работни места, нови инвестиции, нови извози од државата. Но, ако има потреба за зголемување на дефицит, не знам реално, тоа би било заради определбата да продолжиме да помагаме. Не дека ние очекуваме некој четврти бран или петти, но треба да помагаме. По 15 месеци видовме дека секоја помош на сиромашните граѓани, на работниците и на компаниите, некако ни се враќа во буџетот. Државата треба да биде сервис, нагласи Заев и за утре најави посебна прес-конференција со економските ресори, како и состаноци со министерот за финансии викендов.