„Само тие кои сработиле добро и секој ден работат сѐ подобро, можат со право и со чист образ да го ветат Најдоброто“, порача вечерва од Струмица, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Ние сработивме и добро и секој ден постигнуваме сѐ подобро. Конкретно овде во Струмица, реализирани се: магистралниот пат Струмица – Ново Село, магистралниот пат Радовиш – Струмица, во тек е рехабилитацијата на регионалниот пат Струмица – Берово, поставен е канализационен систем во Дабиле и во Просениково, во тек е изградба на канализационен систем за отпадни води во село Банско, се реализира проект за проширување на секундарна дистрибутивна гасоводна мрежа во Струмица, во втора фаза е новата градинка за 300 деца, а во тек се и градежни работи и опремување објект за детска градинка за 40 деца. Општина Струмица бележи видлив економски напредок и кога велиме дека следува Најдоброто, мислиме на фокус на развој на Струмица како на центар на младите луѓе. Следува развој на младинското претприемништво и поддршка на старт-ап-ите, како шанси за нови бизниси и нови работни места“- рече тој.

Заев посочи дека во новиот мандат, општината ќе стане уште подостапна, а гласот на граѓаните ќе биде уште повеќе чуен и вреднуван.

„Ќе воведеме дигитален онлајн систем за директен контакт на градоначалникот и советниците со граѓаните и постојана, брза, ефикасна размена на информации за услуги од надлежност на локалната самоуправа, како и соработка со НВО секторот и учество на нивен претставник, како соработник на Кабинетот на градоначалникот“, заклучи Заев.