– Ја преземам одговорноста за лошите резултати од овие избори, истакна вчера Заев, честитајќи им на политичките опоненти на изборната победа.

Заев вчера на прес-конференцијата во седиштето на партијата не најави што понатаму, кој би го презел кормилото во партијата, ниту пак кој би ја презел челната позиција во Владата.

Тој е претседател на СДСМ од 2013 година. Партијата има и заменик-претседател, Сања Лукаревска и четворица потпретседатели Мила Царовска, Венко Филипче, Фатмир Битиќи и Оливер Спасовски.

На премиерската функција е од 31 мај 2017 година, а втор премиерски мандат освои на изборите на 15 јули минатата година.

Заев вчера сепак нагласи дека останува на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што рече, престојат две и пол одлични и неповторливи години за државата од кои корист ќе има целиот народ и држава.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој вчера изјави дека партијата извојувала голема победа и оти од тој момент почнуваат промените за подобра Македонија, пак, нагласи дека е најдобро власта да си замине на предвремени избори.

Тој изјави дека времето ќе покаже како ќе се одвиваат работите во врска со евентуално ново парламентарно мнозинство.

– Сакам да го замолам да размисли добро што ќе бидат идните чекори да се надмине себе си и да го направи најдоброто за Македонија. Да ја разбере порака, а тоа е дека е доста и треба да замине, му порача Мицкоски на Заев.