Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, пак, нагласи дека за европското досие на Северна Македонија има согласност од сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија поради што повика на одговорност и лидерство.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека суштината на спорот меѓу Скопје и Софија нема ништо со процесот на евроинтеграција, туку се бави со прашања коишто се целосно внатрешни, како што е правото на самоопределување на земјата. Американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз, истакна дека основна цел на САД е да ја видат Северна Македонија целосно интегрирана во Европската Унија и оти цела работа од нивна страна е во насока на поддршка на тој процес.
Премиерот Заев смета дека 50 проценти од шансите за тргање на блокадата ќе се зголемат по изборите.
– И во Бугарија и во Северна Македонија имаме избори. Политичарите се многу специфични, меѓутоа ние продолжуваме со разговорите, имаме теми пред двете страни и постои решение, изјави тој на Самитот.
Решението меѓу Северна Македонија и Бугарија, нагласи Заев, ќе биде силна порака за охрабрување за целиот Западен Балкан, бидејќи се што се случува во Црна Гора, Косово или било каде, има влијание врз сите други. – Верувам дека постои решение и имам искуство во изнаоѓање многу решенија во изминатите четири години. Лично верувам дека до крајот на оваа година е можно решение, изјави Заев.
Одговарајќи на прашање од регионалната директорка на „Економист“ за Европа Џоан Хоеј, за бугарското вето и дали добиле уверувања од ЕУ дека јазикот и историјата нема да бидат предмет на преговори, Заев рече дека по тоа прашање ЕУ ја потврдила важноста и вредноста дека и отворените прашања се билатерални прашања меѓу нас и Бугарија, и имајќи го на ум нашиот идентитет и јазик и ЕУ е многу јасна и прецизна по тоа прашање.
– Секој има право на самоопределување и тоа е многу добро. Се разбира, неодамна видов и многу позитивни сигнали од Бугарија. Тие го разбираат тоа и кога зборуваме едни со други, дури и заедно на прес-конференции тие велат македонски јазик и македонски луѓе, меѓутоа официјално не го признаваат и се надевам дека и тоа ќе го решиме набрзо, изјави Заев.