Премиерот Заев нагласи дека активностите на Владата за економски развој се одвиваат истовремено со мерките што обезбедуваат социјална сигурност и социјална правда, со позитивно влијание врз намалувањето на сиромаштијата и подобрувањето на социјалната вклученост.

-Преку дијалог и инклузивни платформи, нашите партнери за социјален дијалог, ни помогнаа да ги збогатиме мерките кои се покажаа како социјално праведни, потенцираше премиерот Заев, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Тој додаде дека пандемијата од КОВИД-19 дополнително ја забрза амбицијата за регионална интеграција, покажувајќи ги важните врски помеѓу пазарите во регионот, како и меѓу економиите на ЕУ и Западен Балкан. За време на овие предизвикувачки времиња, регионот соработуваше, обезбедувајќи непречен проток на стоки во текот на целата криза.

-Како резултат на водечките принципи на Берлинскиот процес, ние сме целосно посветени на инклузивна регионална соработка за да станеме рамноправни учесници во политиките, програмите и единствениот пазар на ЕУ, хармонизација со правилата и стандардите на ЕУ и проширување на можностите за граѓаните и деловните заедници, истакна премиерот Заев.

За Република Македонија, посочи Заев, Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан е добредојдена и многу важна иницијатива, која покажува солидарност и грижа за регионот, зајакнување на економската активност и надградба на нејзината конкурентност.

-Реализацијата на Економскиот и инвестицискиот план на Западен Балкан и Акциониот план на Заедничкиот регионален пазар, ќе го трансформираат регионот, со што ќе се обезбедат зелени и повеќе дигитализирани економии, како и подобро вмрежување со единствениот пазар на ЕУ, насочен кон закрепнување од кризата предизвикана од КОВИД-19, забрзувајќи го економскиот раст, потенцираше премиерот Заев.