Заев изрази благодарност, во свое и во име на Владата, за грижата и приоритетите утврдени во Програма за соработка на Швајцарија со Македонија 2021–2024 година, кои, како што рече, „се особено релевантни за натамошниот развој на нашата земја и за благосостојбата на сите граѓани“.

Тој додаде дека особен нагласок од главните области на Програмата имаат темите кои и Владата ги утврдила како приоритет за просперитетот на земјата со фокус на: борбата против корупција, понуди за миграција на сивата економија кон легалните економски текови, дигитализација и климатски промени.

Финансиската поддршка од 65 милиони швајцарски франци за Програмата за соработка со Македонија 2021-2024 е креирана во тесна соработка на Швајцарската агенција за развој и соработка и Државниот секретаријат за економски прашања, со институциите од централната и локалната власт, со партнерите од граѓанското општество и приватниот сектор. Швајцарија има релевантно искуство и експертиза во сите овие области – изјави Заев издвојувајќи неколку од придобивките од Швајцарската програма за соработка со Македонија, особено во областа на демократското управување како најдолготрајна.

Заев истакна дека благодарение на поддршката на Швајцарија, Собранието на Република Македонија ги зајакнало капацитетите за работа, огромен број членови на општинските совети речиси во сите општини во земјата стекнале знаења и вештини за подобро креирање на општинските буџети и за надгледување на буџетските трошења и, како особено важно, значително се зголемила довербата во граѓанските организации преку проектите за приближување на работата на овие организации до граѓаните.

Благодарение на проектите поддржани со оваа програма ние денеска имаме поголема транспарентност и отчетност на институциите на централната и на локалната власт, неколку илјади работни места, како и пристап до квалитетна вода за над 100 илјади граѓани во неколку општини – изјави Заев.

На промоцијата на Програмата за соработка на Швајцарија со Македонија 2021–2024, организирана од страна на Швајцарската амбасада во земјата, амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада и заменик-амбасадорот, Лусиен Егетер, присуствуваа и заменик-претседателот на Собранието Горан Мисовски, директорката на Центарот за истражување и креирање на политики Марија Ристеска, претседателката на деловниот клуб Македонија – Швајцарија, Јасминка Талеска и претставници на важни партнерски институции и организации.