Оценето е дека нашата држава го исполни својот дел од обврските на патот за пристапувањето кон ЕУ и дека сега Европската Унија треба да го испочитува својот збор.

– Северна Македонија ги направи потребните реформи. Исто така е пример за соживотот на различни заедници во една држава, што е исто така европска вредност. Нашата држава продолжува со конструктивните политики на дијалог во државата и на меѓународен план и очекуваме дека тие ќе дадат резултати за исчекор во интеграциите, рече премиерот Заев.

Како што соопшти владината прес-служба, изразена е заедничка согласност за важноста на политиките на проширувањето.

Исто така, констатирано е дека е од полза и за ЕУ и за земјите кандидатки, Европската Унија да се заокружи со Западен Балкан, којшто природно припаѓа на Европа.
На состанокот е посочено на значајноста од манифестација политичка зрелост кај сите политички субјекти, кога станува збор за реализација на прашања од полза на граѓаните и на државата.

Премиерот Заев и амбасадорката Тигањ зборуваа и за унапредувањето на економската соработка, како и во областа на одбраната и во други сфери, што ја овозможуваат одличните билатерални односи помеѓу двете држави.