Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека со промовирање на досега сработените проекти по реакциите во јавноста за предвремена кампања за локалните избори не се прекршува законот и оти сакаат да им предочат на граѓаните нешто позитивно на што се работело за време на падемијата.

– Должност е на сите да им предочиме на граѓаните што е направено, сите информации. Пред неколку дена бев и со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Сите овие се инвестиции и се работеа за време на најнеочекувана светска криза пандемијата од Ковид -19, со што дадовме дополнителен импулс на економскиот развој на државата, но и се решија вековни проблеми. Генерално законот јасно опишува кога е дозволено, кога не е дозволено. Ние го почитуваме законот. Сакаме да им предочиме на граѓаните нешто позитивно, затоа што психолошката траума влијае кај сите нас од пандемијата, која трае и продолжува а ние мора да димензионираме нова наша реалност со која димензионираме да живееме, рече Заев.

Премиерот посочи дека тие не промовираат програми, не кажуваат што ќе направат туку само ги констатираат работите на кои Владата вложила труд и енергија.

-Не се прави нешто посебно сега од тоа што се правеше пред шест месеци или пред една година. Секогаш се прави отворање на објектите, пуштање во употреба, благодарност кон инвеститорите, до самите институции кои вложуваат во вакви капитални објекти се со конечна цел да испраќаме позитивна порака да констатираме кај граѓаните за се што се работи успешно, а секако кога ќе дојде 17 октомври тоа е до сега натаму за месец и половина граѓаните сами ќе си одлучат што е најдобро за нивната општина и за Градот Скопје, изјави Заев.

На прашањето дека во минатото им забележуваа на претходните власти дека водат предвремени кампањи, а сега тие истото го прават Заев рече дека кога СДСМ беа во опозиција тоа прашање беше вградено и регулирано во изборното законодавство

-Забелешките коишто беа дадени од тогашната опозиција, предводени од мене, беа вградени во Изборниот законик и денеска ќе го видите членот 8-а во којшто се наведува прецизно во согласност СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Беса, Алијанса, ДПА тогаш сите што беа и денеска тоа е консензус на сите како потреба да се отстранат тие слабости и тие се остранети. Затоа денеска се знае кога имате да пуштате објекти, а кога е тоа забрането, кога имате право да користите јавни ресурси, кога е апсолутно забрането. Казните се внесени во Изборниот законик, па дури и некои казни се внесени во Кривичниот законик. Од тогаш постигнавме договор и го почитуваме сите, вклучувајќи ја и опозоцијата затоа што опозицијата некаде има локална самоуправа, рече Заев.