Република Македонија е дел од иницијативата Отворено владино партнерство од самиот почеток во 2011 година, заедно со граѓанскиот и бизнис сектор. Десет години подоцна земјата има само придобивки од учеството во овој процес. Креирани се четири национални акциски планови. Во моментов, сме во фаза на креирање на петтиот акциски план, кој треба да го опфати периодот од 2021 до 2023 година. Имаме спроведено над 50 мерки и активности кои водат во поголема отвореност на работата на Владата. Мерките директно влијаат врз остварување на правата на граѓаните и го подобруваат нивниот статус, рече Заев на отворената седница.
Тој потенцира дека од особено значење е што во заложбите за отворено владино партнерство е вметнат и локалниот елемент, потоа Собранието, познато по иницијативата отворен парламент и судската власт или отворено судство.
-Ние сме меѓу првите држави, кои го проширија опфатот со заложби речиси кон сите институции. Со ова покажуваме дека отвореноста и транспарентноста се главни стожери на работата на оваа Влада. За тоа ќе се залагаме и во идните акциски планови. Владата успеа преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните. Тие се вклучени во процесите за креирање на сите владини политики, единствен начин да имаме политики, закони, стратегии кои одговараат на интересите и на потребите на сите граѓани, истакна Заев
Тој потенцира дека овој концепт многу придонел земјата да се трансформира од заробена држава, во отворен и прогресивен пример не само на Балканот, туку и ширум светот.
-Овие принципи го трасираа патот на реформите и начинот на којшто оваа Влада ја практикува власта. Тоа значи дека постои силна политичка волја за воведување реформи коишто континуирано ги отвораат институциите и ги трансформираат во вистински сервис за граѓаните, рече Заев.
Според премиерот, Владата со граѓанското општество и бизнис секторот е рамноправен партнер и покажала посветеност во унапредување на сите столбови и процеси кои се дел од заедничките заложби.
-Еден од најбитните процеси за земјата и Владата како една од клучните активности е секако воспоставување на посебен и функционален веб-портал наменет за информирање, вклучување и следење на имплементацијата на акциските планови на земјата, подигнувањето на квалитетот на управување, квалитетни услуги за граѓаните преку транспарентно, инклузивно и одговорно работење е одлика на оваа наша Влада. Во таа насока е и воведувањето на многу нови алатки во изминатите години кои водат кон унапредување на транспарентноста, одговорноста, отчетноста и инклузивноста на сите актери во општеството, како што е и овој посебен портал, рече Заев.
Тој го спомна и моделот на обврска за претходно јавно објавување на договорот со операторот по завршена јавна набавка, а пред да почне да се реализира.
-Тоа заштедува стотици милиони евра во државава. Има контрола од Антикорупциска комисија дури и за оние одлуки коишто важат за конфидејшн – секогаш сме под комплетен мониторинг на самиот наш систем, вели Заев.
Премиерот посочи дека преку промоцијата и поддршката на отвореното владино партнерство започнала и иницијативата Отворен трезор преку која се отвориле трезорските трансакции на национално и локално ниво, а Владата овозможиле поголем увид во трошењето.
-Алатката придонесува и кон намалување на корупцијата, но и заштеда на неефикасните трошења. Во тој контекст го креиравме и порталот за отворени податоци каде институциите во отворен формат ги објавуваат податоците кои се во интерес на медиумите, бизнис заедницата, граѓанските организации, но и на сите граѓани. Овие податоци понатаму може да се користат на најразлични анализи, планирања, развивање на нови бизнис идеи, нови сеопшти идеи во општеството и друго, рече Заев