Заев уште еднаш апелира до граѓаните дека е важно секој да се попише.

Можни се, истакна, изолирани, поединечни случаи на технички грешки кои настанале несакајќи, при внесување на матичните броеви, но тие треба да се пријават за веднаш да се отстранат и попишувањето да продолжи непречено.

– На крајот тоа се корегира. Имаме и доволно време, но важно е граѓаните да го пријават ваквиот случај. Може да пријават директно во Државниот завод за статистика каде пописните одбори ќе го согледаат проблемот и ќе го отстранат за да може секој да се попише. Навистина е важно секој да се попише, дали живее дома или надвор од државата. Се работи за операција која е емпириска, но и техничка истовремено. Може да се случат одредени технички грешки, но ако ги пријавиме тие се отстрануваат и се решаваат. Апелирам до граѓаните за ваков или за друг сличен проблем веднаш да пријават во Заводот за статситика за да биде отстранет и за да си го исполнат своето граѓанско право и обврска – да се попишат, изјави премиерот по пуштањето во употреба на модуларната болница во Прилеп.

Тој уште еднаш подвлече дека за државата се исто важни и граѓаните кои се дома, но и оние што живеат надвор.

-Затоа, се што се прави со пописот кој ќе биде од 5 до 30 септември е попишување на сите наши граѓани, резидентни и нерезидентни, граѓани кои живеат овде, во земјава, или граѓани кои се отселиле и живеат повеќе од една година надвор од државата, рече Заев.