Брисел ги разгледуваше двете кандидатури паралелно, но минатата недела европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји за Еуроњуз изјави дека раздвојувањето на Македонија и Албанија „може да биде опција“ доколку Бугарија продолжи да се спротиставува на влезот на Македонија во Унијата.
Еуроњуз, пренесувајќи ја изјавата на премерот Заев потсетува дека Бугарија бара Македонија, која е потенцијален кандидат за членство во ЕУ од 2003 година, да го признае бугарското потекло на македонскиот јазик и нација.
– Нашиот идентитет – македонски јазик, македонски идентитет е нешто свето за нас, како и за секоја (друга) земја, потенцира Заев во изјавата дадена денеска претпладне по неговата средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Брисел.
Тој вели дека не може да се преговара за нашиот македонски јазик и македонскиот идентитет.
Заев рече дека договорот од Преспа, кој Грција и Македонија го постигнаа во 2018 година за да се реши спорот околу името и да се олеснат разговорите за пристапување во ЕУ, е пример за подготвеност на неговата земја да се вклучи во дипломатијата.
Премиерот предупреди дека има граници на таа добра волја.
– Ние ја имаме нашата гордост и го имаме нашиот идентитет. Нашата гордост може да оди нагоре и надолу. Тоа го покажавме преку договорот од Преспа и со нашата дипломатија и флексибилност. Нашиот идентитет е единствен и не постои можност мојата влада или која било друга влада да преговара за тоа. И затоа, не е можно ниту држава, па дури ни унија во која сè уште не сме членки, да си игра со тоа. Според мене, не е можно да има раздвојување или каков било друг вид развој или настан од практични причини без никаков збор за Северна Македонија по сè што се случи, рече Заев во врска со историскиот договор и реформите што неговата земја ги спроведе како дел од подготовките за членство во ЕУ.
Во изјавата за Еуроњуз Заев нагласува дека Македонија „заслужува“ да го направи следниот чекор од процесот на членство: меѓувладината конференција.
Во март 2020 година, Европскиот совет се согласи да ги почне разговорите за пристапување и со Албанија и со Северна Македонија. Сепак, наведува Еуроњуз, „упорното противење на Бугарија досега спречуваше дипломатскиот пресврт да стане реалност“.
– Очекуваме ЕУ како целина, сите 27 земји-членки, Европската комисија, да бидат во согласност со она што ни го ветија. Тоа беше: вие испорачајте, ние ќе испорачаме. Ние испорачавме и повеќе од тоа. И ние очекуваме Европската унија да испорача, рече Заев.
Ние, додава тој, сме отворени да разговараме за кое било прашање за кое може да се преговара.
– Но, прашањата како што се идентитетот, јазикот, никогаш не се предмет на преговори во кој било дел од процесот на проширување на Европската унија со која било друга земја. Огромен е ризикот ако продолжи блокадата. Тоа е ризик и за Бугарија, и за Северна Македонија, и за целиот Балкан, предупреди тој.
Еуроњуз пишува дека премиерот верува дека пролонгирањето на почетокот на преговорите за пристап и фрустрациите што произлегоа од тоа, доведоа до наводен нон-пејпер за прекројување на границите на балканските земји формирани по распадот на Југославија.