– Тоа за нас е одлична појдовна основа за постигање на договор. Кога велиме за нашите страни ги знаете – македонскиот јазик и македонскиот народ и идентитет се нешто за кое што не сакаме документ да погледнеме, не предлог. И тоа им е јасно на сите. Впрочем кога разговараме и со соседите, со Бугарија зборуваме дека и тие ја прифаќаат реалноста на македонскиот народ и македонскиот јазик, но важно е како се формулираат самите ставови, рече Заев во одговор на новинарски прашања по увидот во реконструираното одделение во Комплексот на Клиниката за торакална хирургија „Мајка Тереза“.
За португалскиот нон-пејпер не откри повеќе детали, вели оти треба да се внимателни во образложувањето на самиот документ, и оти е кажано тоа што е дозволиво да се изнесе пред јавноста, изразувајќи задоволство од, како што рече, инвентивноста и креативноста на португалското претседателство.
– Позитивно сме изненадени од португалското претседателство, затоа што не е земја што е околу Западен Балкан па да биде целосно во тек. Важно е што водела грижа оваа екипа предводена од министерот за надворешни работи на Португалија за двете страни – за македонската и за бугарската страна. Исто така е важно што воделе грижа и за бугарската позиција која што е навистина секако внимателно обезбедена и гарантирана. Тоа ни дава надеж дека може да се направи исчекор, рече Заев.
Тој изрази уверување дека сега под раководство на двајцата министри за надворешни работи постои можност да се усогласат тие делови коишто е важно да ги усогласиме за да добиеме шанса и надеж, прво за 22 јуни кога е Советот на општите работи за да може да се донесе одлука.
– И секако реков очекувањата треба да бидат приземни. Бугарија има техничка влада, но сето тоа ова не е невозможно. Така што тука доаѓа и септември. Затоа што август и септември ќе имаат политичка влада, која што би можела да носи одлуки, да се договориме би било супер затоа што има многу што да работиме и Северна Македонија и Бугарија. Ако не се договориме дај да направиме се што можеме политичката влада заедно со нашата влада да донесе решение. Шеснаесет и пол години чекаме, прво меѓувладина конференција, двата месеци не менуваат ништо, важно е дали навистина ги правиме вистинските чекори и знаете договор бива кога двете страни се спокојни и се секако надежни дека тоа е тоа што ни требаше како обврзување на двете страни дека подобро ќе им служиме на граѓаните во ваквиот случај, рече Заев.
Во врска со патоказот, Заев нагласи дека планот денеска е споделен на увид меѓу сите стручни служби внатре во МНР.
– Се работи за патоказот, секторската соработка што треба да биде утврдена како одговор за да може да подготвиме и следна меѓувладина конференција. Тоа е многу важно. Знаете кога за гаранциите зборува Бугарија, зборуваме и ние за добробит на двата народи и двете земји, а тоа е уште поефикасна реализација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, што значи побрза изградба на железницата помеѓу Куманово и бугарската граница. Од друга страна, од Бугарија према граничниот премин Клепало кај Берово, посериозна соработка помеѓу институциите која што рака на срце може да видите овие неколку месеци како ги имаме секојдневните соработки. Пред некој ден беше министерката за култура, претходно беа директорите на железниците, во Рим се потпишаа договорите помеѓу националните информациски агенции. Претходно беа националните радиотелевизиски сервиси МРТВ и Бугарската национална телевизија. Имавме поетски вечери организирани од наши поети во Бугарија, овде имаме едно седум нови инвестиции од Бугарија. Сето ова како пандемијата одминува така се интензивира и верувам навистина дека ќе биде конкретизирана, додаде премиерот.
Тој истакна дека е важно како за бугарската страна, така и за ЕУ, да се има фокус, додавајќи оти државава ќе продолжи да напредува и со европеизацијата дома, но и со реализацијата на двата многу важни договори – Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Преспанскиот договор со Грција.