Пожарот кој избувна во фабрика за бои и лакови во близина на тетовското село Фалише може да има и посериозни последици врз граѓаните, а од центарот за Јавно здравје повикаа на претпазливост кај граѓаните и да не се излегува без причина.
Од Центарот за јавно здравје Тетово, велат дека загадувањето е големо и е во радиус од 2 километри околу објектот. Ќе мора да се направат дополнителни испитувања.
„Наша препорака оти и во моментов имаме големо аерозагадување и пожарникарите се изложени на опаснот и сите ние кои сме овде, без потреба тука да не бидеме на ова место. И во радиус од 2 километри околу објектот, без потреба да не излегува населението. Ќе се изврши испитување на водата, почвата, но во прво време и вие како новинари сте изложени на ризик, вели доктор Ратко Давидовски специјалист по хигена и здравствена екологија.
Во гаснењето на пожарот веднаш интервенирале пожарникарите од тетовската територијална противпожарна единица.
Освен овие информации, од ЦУК велат дека координирана е помош од пожарникарите од Скопје, Гостивар, Велес и Куманово. Побарана е и помош од приватни фирми коишто можат да помогнат со машинерија, бидејќи ситуацијата е алармантна за расчистување на материјалите што се во магацинот, а не се фатени од пожарот.
Побаран е и ангажман на хеликоптер од МВР, но временските услови во Тетово не дозволуваат гасење на пожар од воздух во овој момент, додаваат од ЦУК. Досега, нема информации за повредени лица.