Недоволна контрола и рана почетна возраст – пушењето кај младите е сериозен проблем

Пушењето кај младите не е само личен избор, туку резултат на недоволно строга регулатива, слабо спроведување на законите и прифатливост на тутунот во општеството, оцени Тамара Мијовиќ Спасова, програмска директорка на тинк-тенкот „Аналитика“. Таа ја изнесе оваа проценка на вчерашната јавна расправа во Собранието на тема „Заштита на децата и младите од штетните влијанија од пушењето“.

– Во земја каде цигарите се меѓу најевтините во светот и каде малолетниците без проблем можат да ги купат, државата директно ја губи битката за јавното здравје, рече Мијовиќ Спасова.

Загрижувачки податоци од истражувањата

Најновите анализи на „Аналитика“ покажуваат дека просечната возраст на почеток на пушење е 13,5 години, што значи дека многу деца почнуваат уште во основно училиште. Според ESPAD 2024, 33% од учениците на 15 и 16 години барем еднаш пробале цигара, а 24% пушеле во последните 30 дена. Дури 74% од младите пушачи започнуваат со пушење пред 13-годишна возраст, а над 80% ја формираат навиката пред 25 години.

– Јасни препораки за законски измени и институционални интервенции се неопходни за превенција и намалување на пушењето кај децата и младите, подвлече Мијовиќ Спасова.