Во извештајот пишува дека имало неколку кражби од магацини на лиценцирани компании, како таа од декември, кога 2 илјади килограми канабис беа украдени во селото Јосифово од магацин на компанија.
Според извештајот, Македонија е на претпоследното место од шесте држави на Западен Балкан според заплената на дрога од страна на МВР, а единствена земја зад неа во регионот е Косово.
-Шверцот на дрога од размери какви што има на Западен Балкан е единствено можен во дослух со државните структури. Оваа заштитничка економија опфаќа корумпирани гранични службеници кои замижуваат на клучните премини, полицајци кои го игнорираат или учествуваат во шверцот. Можеби вклучува и политичари кои ги штитат играчите во бизнисот за процент. Фактот што има мал број заплени во регионот, сугерира на корумпираност или на небрежност, наведуваат авторите.
Кокаинот оди во двете насоки
Се анализира целиот нелегален пат на дрогата, од Западниот Балкан до Централна и западна Европа, а како посебен регион од интерес е издвоен источниот дел од земјата.
-Источна Македонија е жариште на жешки точки од каде нарокотиците доаѓаат од Бугарија, вклучително на хероин и синтетички дроги. Преку Струмица во Грција се пренесува канабис и хероин, а кокаинот оди во двете насоки. Клучна точка е Велес, зашто се наоѓа на патот кој оди од Исток кон Запад, како и на Коридорот 10, кој оди од Север кон Југ, пишува во извештајот.
Македонија, освен на канабис, е производител и на синтетички дроги, се наведува во извештајот, во кој е опишан случајот од 2017-та, кога во нелегални лаборатории во Батинци и во близина на Тетово беа запленети 910.000 таблети „Каптагон“, 52 кг амфетамини и суровини кои се користат за производство на наркотици, наведуваат од Глобалната иницијатива.
Како се перат парите
Во извештајот на групацијата со седиште во Виена, се спомнува и шверцот на мигранти.
-Иако безбедноста на македонско грчката граница беше зајакната, Македонија останува клучна транзитна рута за мигранти, особено од Авганистан и Пакистан, кои ангажираат локални шверцери, се вели во извештајот. „Дел од мигрантите Македонија ја ословуваат како ‘Мафијадонија’ поради криминалната репутација, изјавил хуманитарен работник, цитиран во текстот.
Во овој нелегален бизнис, според авторите, само на границата меѓу Грција и Северна Македонија се вртат меѓу 11.8 и 17.7 милиони евра годишно.
-Валканите пари кои се заработуваат и се перат во регионот го поттикнуваат еко-системот на криминал и корупција, објаснува Кристина Амерхаусер, една од авторите на извештајот.
Според извештајот, црните пари заработени со шверц и дрога се перат преку недвижности, казина и туристички објекти, но и преку легални бизниси, како кафулиња, пицерии хотели и бензински станици. Овие бизниси често ја менуваат сопственичката структура.
Неформалната економија во Северна Македонија, според авторите, учествува со 20 до 40 отсто од бруто домашниот производ.
Преземено од Гласот на Америка