Бугарија, која следната година треба да биде домаќин на изборот за „Песна на Евровизија“ во Бургас на црноморскиот брег, би можела да ја загуби организацијата на престижниот музички натпревар доколку продолжи ескалацијата на воените дејствија во Црното Море. Во изминатите седмици во овие води беа погодени и потонаа повеќе бродови по напади со подводни дронови, јавија бугарските медиуми.
Европската радиодифузна унија воведе целосно нови правила за „Евросонг“ кои официјално ќе стапат на сила од 2027 година. Меѓу клучните измени е и одредбата која овозможува домаќинството на натпреварот да биде пренесено во друга држава, доколку вооружен судир, геополитичката ситуација или какви било други околности претставуваат сериозна закана за безбедноста и стабилноста на земјата домаќин.
Одлуката за промена на правилникот е донесена по редовната годишна ревизија и врз основа на забелешките и повратните информации добиени од членовите на организацијата. Овие прописи ќе важат токму за 71. издание на фестивалот, чие одржување е предвидено во Бургас во мај 2027 година. Главната цел е да се гарантира максимална безбедност за сите делегации, изведувачи и публика, истовремено зачувувајќи го интегритетот на настанот.
На фестивалот во Бургас е најавено и учеството на Македонија, по претходна пауза од четири години надвор од натпреварувањето. Во исто време, најавени се бојкоти од повеќе земји – Ирска, Холандија и Исланд официјално потврдија дека нема да испратат свои претставници поради учеството на Израел, додека Шпанија и Словенија сè уште ја анализираат својата конечна одлука.
Ирскиот јавен сервис соопшти дека нема ниту да го емитува натпреварот, посочувајќи ја хуманитарната криза и загубата на цивилни животи во Газа, како и ограничувањата за работа на новинарите. Холандија ја смени одлуката за враќање и одби да испрати свој изведувач со образложение дека настапот на Израел предизвикува општествени тензии, но натпреварот ќе го емитува. Исландската телевизија исто така зазеде цврст став против учество доколку Израел биде дел од сцената.
Според утврдениот распоред, натпреварот треба да се одржи во Бургас на 11, 13 и 15 мај 2027 година. Израел засега се наоѓа на официјалниот список на потврдени земји-учеснички, а свој дебитантски настап треба да забележи и Канада.
