Ова беше истакнато на 32. Генерално собрание на регулаторите за вода од Европската Унија – WAREG (European water regulators), што се одржува денеска во Скопје.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски посочи оти во регионот сме една од земјите со највисоки загуби.
– Во Македонија загубите на вода, некаде на ниво на цела држава се, 62-63 проценти.
Ние како регулаторна комисија за енергетика во повеќе наврати кажавме дека не бегаме од одговорност и сме подготвени да ја определуваме крајната цена за сите водни услуги, имајќи предвид нашето искуство и во енергетиката, со тоа што гарантираме дека ќе ја подобриме ефикасноста на компаниите, ќе овозможиме поголем број инвестиции и за сметка на тоа, ќе ги намалиме загубите на вода на државно ниво и притоа, нема да предизвикаме никакви ценовни шокови.
Значи, со намалувањето на загубите, ќе се зголемат количините што ќе се фактурираат и на тој начин, нема да има никакви потреби од зголемување на цената за водните услуги, рече Бислимоски во изјава за медиуми.
Клучно е да се обезбеди цена што ќе овозможи развој на претпријатијата, таа да биде достапна и прифатлива за крајните корисници, а регулаторот да ја преземе целосната надлежност во формирање на крајната цена.
– Со години инсистираме да ја преземеме во целост надлежноста за формирање на тарифи што се реални и инвестициски поттикнувачки. Со природните ресурси, како водата, не смееме да дозволиме алиби игри.
Во овој момент РКЕ определува само опсег на тарифи – од минимална до максимална, а советите на локалните самоуправи најчесто се определуваат за најниската цена, односно тарифа што обезбедува минимален праг на рентабилност со мали инвестиции, при што мрежата не се обновува, а вработувањата се зголемуваат.
Неопходен е континуиран инвестициски циклус во инфраструктурата, како и оптимизирање на бројот на вработени во јавните комунални претпријатијата, при што во исто време клучно е да се обезбеди цена што ќе овозможи развој на претпријатијата и воедно да биде достапна и прифатлива за крајните корисници.
Решение, како регулатори, гледаме преку преземање целосна надлежност во формирање на крајната цена, смета Бислимоски.
WAREG обединува 35 регулаторни тела што го следат секторот за води и овозможуваат заштита на повеќе од 400 милиони потрошувачи.
Мисијата на Асоцијацијата, посочи нејзиниот претседател Андреа Гуерини, е да ги усогласи дејствата на европските регулаторни тела преку поттикнување проактивна соработка, размена на знаење, искуства и добри практики ,како и други активности со што се градат капацитетите на членките.
– Улогата на економските регулатори е круцијална за обезбедување финансиска стабилност на секторот, како и за реализација на потребните капитални инвестиции за иновации и за доближување на секторот до стандардите на ЕУ за животна средина, смета Гуерини.