Во ЛДП созреа времето за првата жена претседател. Изразувам подготвеност за мојот, досега најголем личен предизвик. Ви ветувам лидерство насочено кон иднината. ЛДП ја гледам како сериозна партија со големо влијание врз одлуките, насоката и стратегијата по која ќе се води државата, како сериозен фактор без кој не би можела да се формира ниту една Влада во иднина, како партенр на граѓаните и конструктивен коректив на власта. ЛДП нема да биде цел само на поголемите партии, туку ќе соработува исклучиво за интересите на граѓаните и државата. Најавувам прогресивни политики кои ќе се дистанцираат во дел од актуелните владини и опозициски, нова платформа соодветна на современите предизвици, како и политики во кои мнозинството граѓани се препознаваат, истакна денеска кандидатката за претседател на ЛДП, Моника Зајкова.
Во обраќањето на официјалниот дел од осмиот партиски конгрес кој беше отворен за јавноста, Зајкова рече дека прогресивните политики кои се водеа изминатиот период нема да застанат.
-Најавувам многу работа и ве повикувам обединето, храбро и гласно да работиме заедно, пожртвувано, без штедење, тактизирање и популизам. Заедно да носиме смели и одговорни одлуки во интерес на граѓаните. Ве повикувам да не одиме по слепо дефинирана патека, туку да одиме каде што нема пат и да оставиме трага – либералдемокртатски печат на европска Македонија, да бидеме фокусирани кон нови победи за државата, потенцира Зајкова.
Таа вети пред членството дека ќе го даде својот максимум партијата да ја води делотворно.
-Таа чест за мене значи двојна одговорност. Ви ветувам лидерство насочено кон иднината зашто токму ЛДП ја гледам како партија која гради политики во сегашноста за подобра иднина, политики кои ќе ја направат земјава поубаво место за живеење, но и за идните генерации. Имаме одговорност да преземеме акција сега и денес, подвлече Зајкова.
На конгресот се очекува таа ја добие поддршката. Пред Зајкова, со ЛДП раководеше Горан Милевски кој се уште е актуелен претседател. Во обраќањето на когресот, тој јавно ја поддржа Зајкова, посакувајќи и успех особено на претстојниот пат кон членство на земјава во ЕУ.
Мотото на годинашниот осми конгрес на ЛДП е „Обединето, храбро, гласно!“. Покрај членовите, присуствуваат многу странски и домашни гости.
На конгресот денеска му претходеше регионална либерална конференција „QVO VADIS EVROPA 2022? Поттикнување на проширувањето и интеграцијата на ЕУ“ од која беше испратена порака дека земјава нема друга алтернатива, освен членството во ЕУ, како и дека тој пат бара многу работа, но носи и големи придобивки.