„Ако Киев остане без струја, Москва ќе ја снајде истото,“ порача Зеленски

„Покажувањето слабост не е опција,“ изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека цивилизираните земји мора да возвратат со подеднакво остра реторика како и заканите што доаѓаат од Русија.

Зеленски истакна дека е погрешно „нецивилизираните да се третираат на цивилизиран начин, и во реториката и во поконкретните акции на бојното поле и кон Русија.“

„Русија се заканува, зошто треба да бидеме претпазливи во реториката? Не треба да бидеме претерано претпазливи во реториката со Русите ако тие упатуваат закани. Верувам дека цивилизираните земји мора да го имаат истиот тон,“ рече тој.

Украинскиот лидер потсети дека Москва секоја зима се обидува да го прекине снабдувањето со електрична енергија на Украина. „Кога Русија има намера да го прекине снабдувањето со електрична енергија на Украина секоја зима, не гледам причина зошто нашиот одговор и одговорот на нашите партнери би требало да бидат поинакви. Русија мора јасно да разбере дека цивилизираните нации се разликуваат од варварските по тоа што тие никогаш не напаѓаат први и не се агресори, но тоа не значи дека се слаби,“ додаде тој.

„Ако се закануваат со прекин на електричната енергија, на пример, во главниот град на Украина, тогаш Кремљ мора да знае дека ќе има прекин на електричната енергија во главниот град на Русија,“ порача Зеленски.

Тој потврди дека овие ставови ги споделил и со американскиот претседател Доналд Трамп. „Го информирав Трамп за реалната ситуација на бојното поле и за некои визии за тоа што би можело да се случи,“ рече украинскиот претседател.

По средбата, Трамп изненадувачки изјави дека е оптимист за шансите на Украина да ја врати контролата врз својата територија во рамките на меѓународно признатите граници.