Закани за наводно поставени експлозивни направи утрово, покрај во училиштата, пристигнале и на адреса на неколку црногорски општини.

-Ги замолувам моите сограѓани да останат смирени, полицијата ќе си ја заврши работата и ќе ги евакуира луѓето од училиштата каде е примена заканата, како и од општинската зграда. Страшно е некој на овој начин да се заканува со човечки животи. Ќе останам во општинската зграда додека не се евакуира последниот вработен, изјави претседателот на општина Никшиќ, Марко Ковачевиќ.

Портпаролот на општина Цетиње изјави дека општинската зграда е евакуирана, извршен е претрес и не се пронајдени експлозивни направи.

Основните училишта во речиси сите црногорски градови утринава беа евакуирани откако на електронските адреси на директорите пристигнаа анонимни дојави за бомби.