Доколку САД воено интервенираат и го анектираат Гренланд, тоа би значело крај на НАТО, изјави данската премиерка Мете Фредериксен во интервју за данската телевизија ТВ2.
Крај на НАТО
Фредериксен нагласи дека евентуален воен напад врз земја-членка на Алијансата би довел до целосно запирање на системот што со децении ја гарантира европската безбедност.
– Трамп треба да се сфати сериозно кога вели дека го сака Гренланд. Но, морам да разјаснам: ако САД одлучат воено да нападнат друга членка на НАТО, тогаш сè запира – вклучително и НАТО и безбедносниот поредок што постои од крајот на Втората светска војна – рече Фредериксен, објави Политико.
Нејзините ставови доаѓаат по новите јавни изјави на американскиот претседател Доналд Трамп, кој повторно ја интензивираше реториката за преземање на Гренланд, самоуправна арктичка територија што формално припаѓа на Кралството Данска и по таа основа е дел од НАТО.
Трамп со години ја промовира идејата островот да премине под американска контрола. Иако Гренланд има високо ниво на автономија, неговиот статус како дел од Данска го вклучува во западниот безбедносен систем.
Американскиот претседател во повеќе наврати истакна дека Гренланд претставува стратешка неопходност за САД и не ја исклучи употребата на сила или економски притисок за да се постигне таа цел.
-Ни треба Гренланд за национална безбедност – им рече Трамп на новинарите во неделата на авионот „Ер Форс Уан“.
Тој додаде дека прашањето за Гренланд „ќе се реши за приближно два месеци“.
-Ќе разговараме за Гренланд за 20 дена -рече тој.
Последните изјави на Трамп следуваат по американскиот воен напад врз Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро, што во Европа отвори стравувања дека Вашингтон би можел да биде охрабрен за слични потези и на други локации.
Во тој контекст, во европските престолнини сè посериозно се разгледува сценариото за американска анексија на Гренланд. Низа лидери, од нордиските земји до Обединетото Кралство, јавно изразија поддршка за Данска и го потенцираа правото на Гренланд на самоопределување.
Данската влада, во меѓувреме, порачува дека нема да попушти под притисок и дека секој обид за насилна промена на границите е неприфатлив, особено кога доаѓа од сојузник во рамките на НАТО.
