На 10 септември е закажана седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) за сомнежите за незаконско прислушување од АНБ, кое се вршело во периодот од 2019 до 2024 година со точка на дневен ред Предлог на заклучокот за вршење на надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност во просториите на Агенцијата.
Седница со таа точка на дневен ред беше закажана за денеска во 11 часот, свикана од претседателот на Собранието, Африм Гаши, но беше одложена, па беше најавено дека ќе се одржи во 17 часот попладнето.
Претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање Скендер Реџепи-Зејд за МИА потврди дека Гаши вторпат денеска ја закажал седницата на Комисијата со истата точка на дневен ред. Потенцира дека се договориле седницата на Комисијата закажана за во 17 часот да се поништи и таа да се одржи како што претходно се договориле на 10 септември. Повтори дека тој ќе работи како што налага Деловникот. Посочи дека додека е претседател на оваа Комисија, тој треба да ја свика седницата.
Скендер Реџепи претходно денеска на прес-конференција рече дека денешната седница закажана за 11 часот не била одложена, туку поништена и најави дека ќе постапува само согласно Деловникот на Собранието. Деловникот е јасен, како што рече, согласно член 126 од Деловникот јас свикувам седница по барање од една третина од членовите на комисијата или по барање на претседателот на Комисијата.
Љупчо Пренџов од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието изјави дека не ја разбира денешната прес-конференција на пратеникот Скендер Реџепи од Европскиот фронт. Предложи во вторник, на 9 септември во 9 часот пратениците преку Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање да влезат и да се види што се случувало таму, а се друго, како што рече, е обичен фоклор.
-По нашиот повик за итна седница на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР, односно утврдување на датум за посета на Агенцијата национална безбедност, сите политички чинители беа „за“. Второ, актуелниот претседател на Комисијата Скендер Реџепи од Европскиот фронт на ДУИ, веднаш по мене имаше прес-конференција на која што кажа дека тој нема да свика Комисија, дека нема ништо против да ја свика Комисијата претседателот на Собранието Гаши и тоа нема да биде првпат. Зошто? Затоа што пред неколку месеци ние имавме седница на Комисијата, што ја водеше пратеник од опозицијата, а тоа е колешката Славјанка Петровска, рече Пренџов.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 2 септември информираше дека по насоки на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, оформиле предмет во кој се преземаат дејствија на проверки на наводите за следење на премиерот Христијан Мицкоски, како и дека детално ќе бидат испитани и наводите во последните известувања од АНБ. Тим од истражители од ОЈО ГОКК, како што соопштија оттаму, денеска биле примени во АНБ во рамки на предистрагата за наводите за незаконско прислушување, при што била договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ.