Избирачкиот список беше затворен на синоќешната седница на Државната изборна комисија (ДИК) согласно роковникот, член 52 од Изборниот законик и промените и ажурирањето што произлегоа од јавниот увид во податоците на списокот. Најдоцна на 1 октомври односно 15 дена пред денот на одржувањето на изборите, ДИК треба да го потпише заклучениот Избирачки список и изводите од него.

Како што беше соопштено на 27-та седница на ДИК, од вкупниот број гласачи, во изводите на Избирачкиот список се запишани 1 740 147. Во Посебните извори од Избирачкиот список се запишани 82 461 лица кои се на привремена работа или престој во странство, согласно евиденцијата на надлежниот орган; 1899 гласачи кои на денот на изборите се на издржување казна затвор или се во притвор: 351 лице во установи за вонсемејно сместување и шест гласачи кои, согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика, се запишани како раселени лица.

Изборната кампања ќе почне в понеделник (27 септември) односно 20 дена пред денот на изборите и треба да заврши на 15 октомври на полноќ. Вториот круг избори ќе се одржат на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 24 часот на 29 октомври.

Утврдените листи на кандидати за Локалните избори веќе се објавени од ДИК и од општинските изборни комисии, познати се кандидатите за градоначалници и за членови на советите во локалните самоуправи.

По претставниците од сите политички партии, учесници на претстојните избори,  Кодексот за фер и демократски избори, вчера го потпишаа и голем дел од кандидатите за градоначалници во општините. Со Кодексот тие се обврзуваат дека нема да вршат притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од државниот буџет,  буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.

Со Кодексот учесниците во изборниот процес, исто така, се обврзуваат дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на каква било закана во однос на вработување и социјална сигурност поради нивното поддржување или неподдржување на која било политичка партија или кандидат.

Привремена Комисија на Јавното обвинителство ќе следи евентуални изборни нерегуларности на претстојните локални избори заради заштита од криминални или други противзаконски дејствија и превентивно дејствување.

ЈОРСМ вчера соопшти дека настаните поврзани со претстојните локални избори се од општ интерес на јавноста и оттука е донесена Одлука за формирање привремена Комисија. Нејзин претседател ќе биде Џељаљ Бајрами, а членови се јавни обвинители од вишите јавни обвинителства и Основното јавно обвинителство Скопје.

Членовите на Комисијата, како и вработените вклучени во нејзината работа, дневно ќе ги следат сите настани од државата поврзани со процесот на организирање и спроведување на изборите.  Доколку некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, треба да се достави поднесок/пријава до Комисијата, на електронската адреса izbori@jorm.mk.

-За оние настани за кои ќе се оцени дека даваат индиции за евентуални сторени изборни нерегуларности, известувањата веднаш ќе се проследат до соодветното основно јавно обвинителство. Во исто време, ќе се дадат задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно да формираат предмет и да преземат дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик, информираше Обвинителството.

На Локалните избори 2021 првпат ќе бидат применети терминали за читање отпечатоци од прсти на гласачите за да се утврди нивниот идентитет и за да се избегнат евентуални неправилности при гласањето. Тие во државава треба да стигнат најдоцна до 1 октомври согласно договорот со германската компанија „Дермалог“.

Како и за Парламентарните избори 2020, и годинава изборите ќе се одржат со спроведување мерки за заштита од КОВИД-19  и ќе бидат формирани посебни изборни комисии за лицата кои ќе искажат интерес за гласање, а на денот на изборите ќе бидат во изолација или позитивни на коронавирусот.